Цветанка Јованов своите најнови ликовни дела ќе ги претстави пред македонската публика во вторник (21 март) во 20:30 часот, во Порта Македонија. Изложбата е насловена „Кој си ти?“, а во поднасловот додава „Што значи тоа кога ќе кажете ’само бидете свои?‘ Како можам да бидам свој кога не знам КОЈ СУМ?“
-Да го живееш животот со полна страст, доживувајќи го до пред експлозија на интензитетот на бојата, бара голем чекор кој ќе овозможи сеопфатен дискурс на сите нешта околу себе, на сите хоризонти, ќе напише во текстот за изложбата уметницата Касиопеја Наумовска.
-Ликовната естетика на Цветанка Јованова во новиот циклус претставува навидум дискретна ликовна естетика, стишена, мирна, која пулсира одвнатре и ни ги објаснува силните колористички спротивности и сличности. Линиите вибрираат, формите се претопуваат и преклопуваат една во друга, секоја со своја скриена порака, дискретна овој пат, што можеби произлегува од личните естетски сознанија. Сликите на Цветанка Јованова се изградени со иста значајност на ликовните принципи и елементи, што овозможува градење на композиција, израз, идентитет, доведена до нагласување на симбол, знак, збор, порака, искористени во целост на композицијата, а се во потрага за точна содветна црта – линија, создавајќи ликовна претстава. Сепак доминацијата е во линијата која и кога се губи или грубо појавува е децидна, точна и е императивот во ликовниот израз на Цветанка Јованова. Без материјален, само имагитивен свет кој не завршува бидејќи е свет создаден и преполн со мистика, метафора, порака и метафизика. Тој свет ни го претставува пристапот на Цветанка Јованова како длабок, аналитичен свет, кој разјаснува, а интригира, а истовремено разоткривајќи ги сите вечни и секојдневни прашања, завршува Наумовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.