Но, да одиме генерички или хронолошки. Пржинскиот договор, кој требаше (или барем нѐ убедуваа дека требаше) да го разреши политичкиот јазол во државата на краток, ама и на подолг рок, покажа и се докажа дека не е само голема „пржинска измама“, токму како што го именуваше Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ), туку и иницијална капсула на отворање на една нова Пандорина кутија, во која на дното останаа само политичкиот нихилизам и провокациите, екстремниот национализам кој доби лик и тело во тиранската платформа и целосна дезинституционализација на државата.
Веќе на сите, помалку или повеќе, им стана јасно дека памфлетот напишан во Тирана не ги отсликува барањата и потребите на македонските Албанци, туку тоа е неколкудецениска ретроградна реторика на националисти и иредентисти кои ваму-таму бараат простор за себеетаблирање и создавање етновилаети или пострашни „големи соништа“. Во оваа деценија таквата „месијанска“ улога му припадна на најголемиот провокатор на Балканот, Еди Рама. Мораме да бидеме докрај искрени и да кажеме дека, во контекст на ова, Зоран Заев не е единствениот Македонец, љубен и заштитуван од Западот, што ја гледа Македонија како Швајцарија на Балканите. Може многу што да му се негира на Заев, но дека бил редовно присутен на часовите по историја кога се учела ванчомихајловистичката идеологија, не може да му се оспори. Си ја знае лекцијата наизуст. Сега се обидува некако, ако може, и да ја имплементира. Нешто тешко му оди!?
Место албанскиот сон, на СДСМ му се случува мракобестие во кое талкаат како суштеството во „Осмиот патник“кој однатре ги разјадува вселенските летачи, за сега сѐ подлабоко да тоне во мрачните сценарија и лажните ветувања што им ги нудеше и на Македонците и на Албанците. Сѐ повеќе албански медиуми и гласачи сфаќаат дека биле изманипулирани иако Заев од петни жили се труди преку сите албански телевизии да ѝ порача на целата јавност во Македонија дека тој е поповикан да зборува за правата на Албанците од сите албански политички лидери заедно, демек тој ги претставува најголемиот број Албанци и навлегол во „решавање“ на албанското прашање подлабоко од сите нивни апологети со децении наназад и нанапред во целиот регионот. Ама едно утнал: тој не е Балтазар кој тукушто ја откри тајната формула на власта преку „епрувета“, туку најмногу што може да достигне е до сламеното човече од „Волшебникот од Оз“.
Ова беше дострелот на тие 60-70.000 гласови. Бумерангот, пак, многу поголем се случи кај Македонците кои наивно наседнаа на неговите предизборни ветувања. Контраударот од страна на граѓаните што му се случува на Заев е најголем во Скопје, Охрид, Струмица, Прилеп, Битола Велес, Штип или, со еден збор, секаде каде што освои нереално висок процент гласови. Му се случи народ, односно со филмски жаргон кажано: „Империјата го возвраќа ударот“. Демистификацијата дојде преку приоретизирањето на исфингираната вонизборна платформа на сметка на забошотените егзистенцијални теми за 500 евра по вработен, 150.000 украдени гласови (кои, види чудо, ги најдоа?!), нефункционални институции, корумпирано и партиско судство и тотално ништење на државата. Државата е тука, ама Заев не е на власт. Народот нешто не го сака.
Соочен со безизлезот, Заев сега крештаво ни се заканува преку Шекеринска и Спасовски, дека, всушност, нас ќе нѐ казнеле од Запад поради отсуство на демократија (која наводно ја украл претседателот Иванов заедно со мандатот) и дека ни претстои изолација, прогони, црни листи и слични скриени желби на очајното раководство на СДСМ.
Желбите се едно, но реалноста е друго. Прво, се надеваа дека СДСМ ќе однесе победа со барем два-три пратеника разлика, па под превезот на демократијата ќе се оствари сценариото за разнебитување на државата. Пропадна.
Втората реалност е дека претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, навреме го пресретна и го блокираше тоа сценарио. Згора на тоа, тој не е избран од страна на парламентот, туку од страна на граѓаните, и тоа со повеќе гласови од СДСМ и ДУИ заедно, што и не е толку решавачко, колку фактот што сите многу добро знаат дека без мандат даден од претседателот не може да се формира влада. Да можеше, досега десет пати ќе ја формираа. Не случајно Али Ахмети благо ретерира и го треска Заев од земја кажувајќи му дека без мандат ниту тој самиот не влегува во Собрание.
Третата реалност е дека иако им беше желба да победи Хилари Клинтон, ама за среќа на македонскиот народ и регионот пошироко победи Доналд Трамп, што значи „чадорот“ им прокисна. Кај и да е, сите белосветски агентури ќе си ги соберат куферите и ќе одат на друго плодно тло за нивните мешетарења. Најновото писмо од шестемина конгресмени упатено до државниот секретар за надворешни работи на американската администрација Рекс Тилерсон е, најблаго речено, црвен картон до домицилните и испоставени финансиери на обоените револуции и разно-разни невладини организации кои глумат демократи, а, всушност, се претвораат во профитери и плукачи по демократски избраните власти на малите и кревки демократии, каква што е македонската.
Конечно, очигледен факт е дека Европа е единствена во ставот дека за балканските прашања и за воведувањето какви било санкции кон нив – нема консензус. Нивните интереси се дотаму заплеткани што максимумот што може да го извлечат во овој регион е да завршат со советодавни „услуги“ и ветување за членство во Унијата која им е на стаклени нозе токму поради нивните внатрешни турбуленции.
Збирот на сите овие собитија е дека како што минува времето, така им гасне ентузијазмот на СДСМ, кои забревтани од самиот старт на ветената победа се сопнаа на еден голем камен – на народот, кој многу брзо го прочита националното предавство кое го планираа сето време за бескомпромисно зграпчување на власта. Од глад во очај.
Сега влегоа во блага хибернација и исчекување кој потег ќе им се наложи однадвор, а бидејќи и однадвор гасне жешката поддршка, секој час им е изгубен и часовникот отчукува за изборот на народот. За нив бијат камбаните.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.