Германскиот канцелар Ангела Меркел изјави дека нема да разменува провокации со Турција, по острите критики од претседателот Реџеп Тајип Ердоган против забраната за планираните митинзи во Германија и Холандија на кои требаше да учествуваат турски министри, пренесуваат британските медиуми.
Меркел го оцени како смешно обвинението на Ердоган дека ги поддржувала терористите на Курдската работничка партија.
-Немам намера да учествувам во тој натпревар за размена на провокации, изјави таа.
За нападите на Ердоган кон Холандија Меркел посочи дека „овие навреди треба да престанат“. Таа повторно изјави дека доколку турските политичари сакаат да учествуваат во јавни настани во Германија треба отворено да посочат кој точно ќе учествува и со каква цел и потоа да се придржуваат кон законите и принципите на германскиот Устав.
-Освен тоа, секојдневно правиме проверка на ситуацијата и на никого нема да му даваме отворени карти (картбланш) за иднината, рече Меркел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.