Во МКЦ клуб на 17 март 2017 година (петок), со почеток во 20:30, ќе се одржи промоција на поетската книга „Внатрешни планини“ (Скопје, Кликер книги, 2016) од Владимир Мартиновски. Промотори се Оливера Ќорвезироска, Васко Марковски и Ѓоко Здравески, а стиховите ќе се читаат во музичка придружба на Јордан Костов, Владимир Лукаш и Зоран Велковски.
Книгата „Внатрешни планини“ е последен дел од поетската тетралогија „Квартети“, во која спаѓаат и стихозбирките „Квартети за читање, гледање, пеење и слушање“ (2010), „Пред и по танцот“ (2012) и „Вистинска вода“ (2014). Во поговорот на книгата „Внатрешни планини“, Оливера Ќорвезироска вели: „Учената, бележита, препознаена, почитувана и веќе од многумина сакана поезија на Владимир Мартиновски, облечена во совршено скроен костум на обичност и лесноразбирливост, веќе е седната на четворна маса и нѐ чека сите нас (учени, неучени, сложени, едноставни, вешти или спонтани читатели), заеднички да наздравиме за суштината и смислата на сѐ околу нас, за „надворешните“ и внатрешните планини во нас. Таа ја укинува оддалеченоста на ученоста од неукоста, на сложеноста од едноставноста, на вештината од спонтаноста. Мартиновски е концептуален уметник од најредок, речиси искоренет, или барем заборавен вид во нашето сурово, безмемориско секојдневие“.
Владимир Мартиновски (Скопје, 1974) е поет, раскажувач, есеист, книжевен критичар, преведувач. Вонреден професор е на катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Автор на поетските книги: „Морска месечина“ (2003), „Скриени песни“ (2005), „И вода и земја и оган и воздух“ (2006), „Квартети за читање, гледање, пеење и слушање “ (2010), „Побрзај и почекај“ (2011), „Пред и по танцот“ (2012), „Вистинска вода“ (2014) и „Внатрешни планини“ (2016), како и на книгите хаибуни „Ехо од бранови“ (2009) и „Небо без ѕвезди“ (2016). Автор и на книжевно-теориските книги: „Од слика до песна“ (2003), „Споредбени триптиси“ (2007), „Les Musées imaginaires“ (2009), „Слики за читање“ (2009), „Споредбени диптиси“ (2011) „Зоон поетикон“ (2013) и „Narro ergo sum“ (2015). Приредил 5 антологии и 5 зборници со научни трудови. Добитник на неколку книжевни награди: „Браќа Миладиновци“ (за поезија), „Нова Македонија“ (за расказ) и „Димитар Митрев“ (за книжевна критика).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.