Роден на: 5 септември 1948 година во с. Пирава, Валандовско
Образование: Економски факултет во Скопје
Професија: Политичар
Ветереан во политиката, но никогаш не поминал како водата, онаа тивката која брегот го рони. Тивок, невидлив, и статичен Петар Гошев одживеа четириесетина години на политичката сцена во Македонија. Од економски советник во Синдикатот на Македонија до гувернер на Народната банка. Некогаш го споредуваа со невестата која избегала од мажачка, зашто и тој така го остави првото премиерско столче во независна Македонија. Велат немал храброст за страница во историјата. Други, пак, дека не успеал да состави кабинет. И едните и другите се сложуваат – неуспех.
„И повторно, како и неколку пати до сега, доколку се анализираат и случувањата по референдумот, за прославата на плоштадот Македонија, како дамка и во актуелните денешни делувања останаа прашањата каде се сите тие лидери кои работеа за државата? Зошто на бината ги немаше ниту Бранко Црвенковски, ниту Стојан Андов, ниту Тито Петковски, ниту Петар Гошев… Всушност, како што и се толкува, тие „претпоставувале“ дека нема да има никаква измена во подредената поставеност на Македонците во тој југословенски систем“, пишува во еден дамнешен текст.
Во сеќавањата на почетоците на македонската држава, мислејќи на Гошев, Љубиша Георгиевски ќе рече:
-Ние на бината имавме информација дека горе над „Пелистер“ има снајперисти. И во сред говор, јас не можев да издржам повеќе, веројатно од страв, веројатно од стрес, а најверојатно од немање искуство, застанав и реков: „Снајперисти, ќе направам пауза од десет секунди да можете на мира да ме нишаните. Еве, повелете, ќе одбројувам во себе“. Стана една неверојатна тишина на плоштадот на кој имаше 20-30, не знам колку илјади луѓе. И во моментот на најгустата тишина, доаѓа Љупче до мене: „Брзо продолжи да говориш, нашиот коалиционен партнер се помоча“.
Поради несогласици со новото раководство на СДСМ, Гошев во 1993 се отцепува од партијата и ја формира Демократската партија. При тоа е избран за нејзин претседател. Од 1997, со обединувањето на Демократската и Либералната партија, станува претседател на Либерално-демократската партија. Претседател на ЛДП е до 1999 година, кога поради неуспехот на партијата на парламентарните избори во 1998 година, поднесува оставка.
На функцијата гувернер на Народната банка на Македонија на предлог на Бранко Црвенковски бил избран во 2004 година, а по завршувањето на мандатот, му се губи трагата. Зад себе остави грст неуспеси и грст стотки кои поминуваат на автоматите за кафе и паркинг – најголемиот успех на третиот гувернер на Народната банка на суверена Македонија.
Тивкиот Перо во кариерата беше и Перо апашот. Во тоа време, во време на апашлакот, беше министер за финансии и гувернер. Кога сите земји бележеа раст, а на Македонија ѝ се случи рекордна стапка на невработеност и исклучително низок економски раст. Во најголемата беспарица Петар Гошев во октомври 2005 година стекна исклучително вреден имот по багателна цена – имот кој реално вреди над 630.000 евра, го платил за само 5000 евра. Поранешниот гувернер „ѕидајќи куќа со другарите“, соѕида удобна хациенда во една од подобрите скопски населби. Истиот тој како министер за финансии во Владата на СДСМ ќе остане запаметен како човекот кој го покачи данокот за граѓаните и ги зголеми цените на лековите.
Така денес, овој неуспех олицетворен во поранешен политичар, со сиот товар на плеќите, си дозволи да ги нарече безумници докажаните македонски уметници, кои имаат еден грев – љубовта кон татковината, оваа суверена Македонија, отцепена од југословенството за кое се врзува тој.
Игор Дурловски, Елена Мисиркова, Васил Зафирчев, Калиопи, Ванчо Петрушевски и другите уметници кои дадоа поддршка на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, не зборувале со својот ум, туку со зобникот од кој зобале на сметка на буџетот.
–Оние пејачи и глумци на протестите, не мислат со своја глава, туку мислат со зобникот од кој зобаат, а сега глумат дека ја бранат Македонија, изјави Гошев.
„Господине Гошев, Вие цицавте ли цицавте од транзицијата и приватизацијата, и со „чисти“ и со „валкани“ раце – 23 години. Откако добро си го распоредивте семејството по банки и добро котирани фирми, и откако незаслужно од партија во партија, од министер на министер се насадивте на седумгодишен незаслужен мандат како гувернер на НБРМ, денес сакате да бидете и претседател. Многу ви е Гошев, многу ви е“ – му порача и долгогодишниот новинар Љупчо Зиков во времето кога Гошев се токмеше да биде опозициски претседателски кандидат.
Затоа, Перо, молчи си како што секогаш си молчел кога требало да викнеш машки!
Текстот е објавен во рубриката „Личност на неделата“ во 237 број на неделникот „Република“, кој излезе од печат на 17 март 2017 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.