| четврток, 6 декември 2018 |

Одново утврдени тврдите меѓи на македонската државност  

Проф. д-р Јованка Кепеска

Проф. д-р Јованка Кепеска

Последната криза, предизвикана со албанската платформа, колку и да е деструктивна за нашето општество, надвор од сите политички комбинаторики и  без најмали дилеми, ги утврди, одново, најзначајните аспекти на нашата државност. Станува збор за прашањата кои се однесуваат на основните конституенти на македонската држава, за односот на македонскиот народ спрема деловите од другите народи и малцинствата што живеат во Македонија, за позицијата на македонскиот јазик како државен јазик и за позицијата на другите службени јазици. Дека идентитетот на македонската нација се гради врз официјалниот јазик и преку суптилните аспекти на градењето на духовноста. Дека е неприфатлив недемократскиот начин на извршување на чин на превласт.

Дека државните симболи изразуваат суштина, секако. Но, македонската нација ги создала симболите, химната, грбот, знамето,  во моментот кога ја создавала својата државност и изразувајќи ги државните аспекти. По АСНОМ и осамостојувањето на Македонија ништо ново не се променило за да биде пројавено во тие симболи.

Дека, претходно, колку и да беше окарактеризиран односот со народот како популистички, подложен на лицемерие и со цел да се остварат определени цели, потребите на народот граѓаните мораат да се артикулираат преку политиката. Бидејќи политиката е сублимација на реалните потреби и интереси, инаку би била ненародна. А зарем таква би сакале таа да биде?

Овие прашања не можат повеќе да се проблематизираат и да се толкуваат на поинаков начин.

Словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак рече дека две држави на Балканот се пред распаѓање. Нема сомнение дека се однесува на Македонија. Затоа што, како што може да се согледа, според барањата во албанската платформа, целта е рушење на постоечката држава со што Македонците го губат и својот идентитет. Распаѓањето на државата се настојува да се изврши  преку промена на власта, воведувањето на двојазичност, федерализација, промената на државните симболи и името.

И колку да се мимикрира преку званичните изјави за божемно поголемата сплотеност во државата; за поголем демократски развиток; за претпоставена успешност на реформите; за разрешувањето на спорот со Грција и за влез во НАТО, сите претензии со платформата се усмерени на редефинирање на државата и искажување на „новата суштина“ со нови симболи. Целите се поставени одамна, но се сака да се извршат до крај. Иако сплотеноста и функционалноста и одржливоста се постигнува врз установени теоретски и политички принципи и поставки со платформата, одново, и по кој знае кој пат, се пледира на меѓуетнички прашања, нарушувајќи ја меѓуетничката рамнотежа со македонскиот народ  и со другите малцинства. Некои моменти од платформата укажуваат и на заострување на односите со соседите во насока на геостратешко разрешување на целите на платформата.

Воведен е и аргументот дека идентитетот на Македонците е вештачки створен и дека Албанците се автентичниот народ и наследник на најстариот народ, што живее на оваа територија, Илирите. Во научната и пошироката јавност ваквата дискусија, беше водена 80-те години, одново, наменски, за спорноста на територии поврзани со Албанците. Тезата беше аргументирано отфрлена. Затоа што Илирите, кои, како збирен назив за многубројни народи (племиња), за кои и не е утврдено дека зборувале со ист јазик, го добиле според iлирската провинција, во периодот на римското владеење, и има административно-географско значење. Називот, фактички, се однесувал на народите што живееле на територијата од Панонија до Јужна Италија. Значи на териториите на кои живеат Србите, Бошњаците, Хрватите, Македонците, Бугарите помеѓу другите, кои што се исто така како и Албанците, нивни наследници.  Илирите, пак,сфатени во потесна смисла, живееле во крајбрежниот јадрански појас и таму, единствено, воспоставиле првични  државни облици од 250 до 167 год. п.н.е., кога и настанува и нивната трансформација од племиња во народи.

На овие политички чинители, затоа време е да им се постави прашањето зошто не отпочнат да се заложуваат за другите прашања од развојот и животот на луѓето и на општеството и дали имаат сила за тоа. Или ќе останат трајно на позицијата на отуѓена елита, со бирократизиран однос кон реалните потреби на народот, граѓаните.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top