Фудбалерот на италијанската Специја, Дамјан Ѓоковиќ би можел наредниве денови да добие дополнителен повик за деби настап во македонската репезентација на пријателскиот натпревар со Белорусија кој на 28. март кој го играме во Скопје.
26-годишниот Ѓоковиќ, кој досега имаше само хрватски пасош, веќе и дефинитивно го доби македонскиот пасош како и дозволата од ФИФА по што добива право за настап во македонскиот дрес.
Не е тајна дека македонскиот селектор Игор Ангеловски посакува да го тестира Ѓоковиќ кој игра во средниот ред, една од позициите кои се најдефицитарни во националниот тим. Токму затоа е и желбата да биде повикан за контролата со Белорусите.
Пред еден месец и самиот Ѓоковиќ потврди дека би сакал да настапува за Македонија, откако ќе биде завршена процедурата со добивање македонски пасош.
– Одбрав да играм за Македонија. Доколку се биде во најдобар ред би сакал да заиграм и на пријателскиот натревар на Македонија со Белорусија – истакна Ѓоковиќ.
Во сезоната 2015/2016 Дамјан Ѓоковиќ настапуваше за францускиот Ајачио од каде се пресели во Гројтер Фурт, за кој клуб низ последните месеци од претходната година одигра седум натпревари. Претходно во својата кариера има настапи и за италијанските Чезена, Болоња и Ливорно, како и за романскиот Клуж. Од јануари е член на италијанскиот второлигаш Специја каде во моментов е стандарден првотимец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.