| четврток, 6 декември 2018 |

Хрватскиот селектор: Ако станеме светски прваци, никој нема да работи до септември!

Ако Хрватска ја освои светската титула, во земјата нема да се работи до септември, изјави селекторот Златко Далиќ на пресконференцијата пред полуфиналето на Мундијалот 2018 против Англија.

Средбата е денес од 20 часот на стадионот „Лужники“ во Москва.

– Ништо не може да ме изненади во нашата земја. Во Хрватска живеат четири милиони луѓе и има четири милиони фудбалери и четири милиони тренери, сите знаат сè за фудбалот. Тешко ви е да замислите како се слави секоја наша победа. Нашите фанови се нашето гориво, фудбалот ги прави луѓето среќни и дури не можам да замислам што ќе се случи, ако ја освоиме светската титла. Ако станеме светски шампиони, никој нема да работи до септември – рече Златко Далиќ.

Селекторот изрази надеж дека ќе добие поддршка од руските навивачи, и покрај скандалот по четвртфиналето меѓу Хрватска и Русија, кога дефанзивецот Домагој Вида и скаутот Огнен Вукојевиќ извикуваа „Слава на Украина“.

– Во Русија насекаде не пречекуваа како свои и на секој стадион нѐ поддржуваа. Денес очекуваме поддршка вклучувајќи и од руските навивачи. Фудбалот ги обединува луѓето низ целиот свет, секогаш ќе се сеќаваме на овие неколку недели во Русија. Ви благодариме за гостопримството – рече Далиќ.

Тренерот смета дека неговите играчи имаат сила да ја поразат Англија. Тој го пофали лидерот на тимот Лука Модриќ за неговата самодоверба во секој натпревар.

– Лука покажува волја, карактер и желба за игра. Тоа е неговото последно светско првенство и сака да остави трага. Но и сите други имаат свој придонес. Во нашиот тим има добри играчи кои играат за најдобрите тимови во Европа – рече меѓу другото Далиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top