Во галеријата „Борко Лазески“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп синоќа беше отворена изложбата „Мал формат“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Пред прилепската публика 50-тина македонски уметници се претставија со 80 дела, слики, графики и скулптури.
Според претседателот на ДЛУМ Христијан Санев изложбата има повеќе од 20-годишна традиција и е предизвик за уметниците.
– Изложбата „Мал формат“ има традиција од преку 20 години, а последните 10 до 15 години е во соработка со Културно-информативниот центар од Скопје. Ова е проект на ДЛУМ кој се јавува како идеја на Друштвото, кој им овозможува на своите членови да се обидат своето творештво да го стават во формат кој е 25 на 25 сантиметри. Тоа не е ни малку лесно зашто ние сме поднебје со сликари, онаа стара генерација, која најмногу творела на дела од голем формат, над еден метар. Овде ја вртиме енергијата со цел да се стави фокусот на малиот формат. Исклучително тешко како предизвик, но токму тој е она што изложбата го има како богатаство, рече Санев.
За уметниците ова е вистински предизвик, но за некои и омилен израз.
– Не значи ако форматот на делото е мал, дека влијае на уметноста. Напротив ова е мал формат, но голем уметнички израз, изјави скулпторот Ангел Димоски-Чауш.
Уметникот Кирил Гегоски истакна дека за него е речиси секојдневие изразувањето во мал формат.
– Дури често ми е поиомилен од големите платна. Така поубаво ликовно се изразувам, рече Гегоски.
Директорот на Центарот за култура „Марко Цепенков“ Тони Чатлески истакна дека изложбата е плод на соработка на Центарот со ДЛУМ и се одржува вторпат. Целта е, како што рече, изложбата да ја види публиката низ цела Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.