Во јавноста се создава погрешна слика дека претседателот немал исти аршини кон ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, смета Никола Тодоров, кој синоќа гостуваше на Топ тема на Телма. Тој објасни дека тој впечаток е погрешен, бидејќи се тргнува од погрешна основа – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не разговарале за Тиранската платформа, па оттука не може да се рече дека претседателот има различен третман кон партиите од македонскиот блок. Од друга страна, СДСМ и ДУИ, како што потврди Бујар Османи, се договориле за прифаќање на сите одредби од платформата составена во друга држава и потпишана од премиер на друга држава. Тоа е, дециден е Тодоров, клчната разлика меѓу договорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и СДСМ и ДУИ.
На коментарот на новинарката Снежана Лупевска дека Теута Арифи, пак, има целосно спротивна изјава од Османи, дека ВМРО-ДПМНЕ ја придатило платформата во односна употребата на јазикот, а Изет Меџити тврди дека има и документ кој го докажува тоа, Тодоров потсети дека во ДУИ има силни внатрешни струења и поделби, па оттука и различните изјави.
-Истиот тој Изет Меџити рече дека единствена работа за која не сме се усогласиле е работата на СЈО, што е комплетно неточно. Првата работа за која се договоривме беше токму работата на СЈО. Не сакам да избегам од темата, туку да ви посочам како се управува или како се манипулира со информациите. Но, најзначајно е тоа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не успеаја да постигнат согласност и да направат влада, вели Тодоров.
Тој потенцира дека од друга страна, има официјални изјави од двете партии дека успеале да се договорат за клучни прашања, меѓу кои и тоа дека СДСМ ја прифатил Тиранската платформа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.