Актуелниот англиски шампион, Лестер Сити, веќе неколку денови е без менаџер, откако раководството на клубот му врачи отказно решение на легендарниот Клаудио Раниери.
По заминувањето на Италијанецот многу имиња се споменуваат како евентуални негови замени, а синоќа како главен кандидат се посочи некогашниот селектор на Англија, Рој Хоџсон. Искусниот 69-годишен стратег во текот на вчерашниот ден имал тајни преговори со челните лица на Лестер, а навивачите веднаш го искажаа своето незадоволство од оваа опција.
– Зар Хоџсон е вистинскиот менаџер за Лестер? Не го пуштајте ни во близина на „Кинг Пауер“. Не ни треба нас старецот Хоџсон. Ако дојде слободно можеме да започнеме со планови за Чемпионшип – се само дел пишувањата на незадоволните фанови на Лестер.
Покрај Хоџсон кандидати за менаџерското столче уште се и Роберто Манчини, Гус Хидинг и поранешниот стратег на „лисиците“ Најџел Пирсон, а засега предводник на тимот е помошниот на Раниери, Крег Шекспир, кој со убедлива победа над Ливерпул (3-1) дебитираше на оваа функција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.