| четврток, 6 декември 2018 |

МЗТ Скопје пропушти шанса за опстанок, сега се поблиску до опасната зона

mzt skopje 1

МЗТ Скопје повторно се приближи кон дното на табелата во АБА-лигата откако „металците“ вечерва неочекувано загубија на домашен терен од Игокеа со 67-71. Македонскиот првак одигра катастрофален натпревар, пред се во нападот, па и во периодите кога гостите грешеа „металците“ не знаеја како да го искористат тоа и да стигнат до победата. Пресвртот за водство од 61-58 сепак беше недоволен, но реалноста е дека МЗТ со ваква очајна игра и не заслужи ништо повеќе од пораз на вечерашниот натпревар.

Аеродромци ги започнаа мечот со низа гршки во нападот, па гостинот откако пресече неколку топки преку контра реализираше лесна поени за +5 (7-12) во средината на првата четвртина. Ова беше знак за тајм-аут на Назор, а советите на хрватскиот стручњак вродија со плод, па МЗТ Скопје стигна на -1 (14-15), а притоа пропушти и напад за водство. Првакот на БиХ до крајот на воведниот квартал поведе и со најголемата позитива до тој момент од +6 (14-20).

mzt skopje 2

Како и во претходниот период, така и во вториот период подобар противник на теренот во СЦ „Јане Сандански“ беше екипата на Игокеа. На почетокот на периодот поведоа со +9 (14-23), позитива која во најголем дел ја одржуваа, за да МЗТ Скопје во финишот на првото полувреме намали и на паузата замине само со -2 (38-40).

Игокеа второто полувреме го отвори со +6 (38-44), за да во продолжение „штрковите“ по подолга пауза за првпат израмнат со забивањето на Скот за 46-46. Кога се чинеше дека МЗТ Скопје ќе направи пресврт, следеше нов пад во играта, што се рефлектираше со водство за Игокеа од +8 (48-56). До крајот на третата четвртина нашиот првак успеа само да спушти еден поен од негативата и на паузата во пресрет на завршницата замина со -7 (51-58).

mzt skopje

Кон средината на завршните десет минути МЗТ Скопје повторно израмни со поените на Клоф од слободни фрлања за 58-58, за да потоа со тројката на Темс поведе по долга пауза со 61-58. Така, мечот во последните минути влезе во вистинска драма и пенал завршница, а победникот на мечот беше решен со тројката на Милошевиќ во последната минута, за победа на Игокеа со конечен резултат од 67-71.

Ѓорѓе Дреновац со 16 поени, и Темс кој придодаде 15 поени беа единствени светли точки на денешниот дуел во редовите на МЗТ Скопје, додека кај гостите прво име со 20 поени беше Мицовиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top