Народниот театар – Битола ги заврши подготовките за најновата претстава „Смислата на животот“, која премиерно ќе ја изведе на големата сцена на 28 февруари. Режисер е Благој Мицевски, а автор на текстот е Израелецот Идо Нетанјаху, кој ќе присуствува во Битола на премиерата и на претпремиерата претходниот ден.
– Станува збор за тежок текст и тема што помагаат да размислуваме што правиме, колку придонесуваме за светот во кој живееме да стане подобар. Во еден дел од претставата за доктор Франкл, кој го преживеал холокаустот, се допира денешниот свет и тоа е дополнителна провокација да се погледнат сите аспекти на минатото од 50-тите години од минатиот век и смислата на животот денес – рече, меѓудругото, режисерот Мицевски на денешната прес-конференција.
Петар Горко ќе ја игра главната улога во претставата – доктор Франкл, а во актерската екипа се и: Соња Михајлова, Васко Мавровски, Сандра Грибовска, Иван Јерчиќ, Борче Ѓаковски и Ангел Мицевски.
– Доктор Франкл е лик што тешко може да се одигра но, сепак, може кога се има одлична актерска екипа. Кога ќе се излекува душата, тогаш секоја појава исчезнува, тогаш човек може да прости и да ги ублажи проблемите. Љубовта е најважниот двигател на секој човек и тоа води во одбраната на ова дело, посочи Горко на прес-конференцијата во Битолскиот театар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.