Кога го чув на ТВ вториот одговор од американската амбасада на писмото испратено од Сенатот (првото стигна од Конгресот) со текст идентичен на првиот, веднаш некаков молскавичен когнитивен проблесок ме внесе во оној круцијален момент од филмот „Сјаење“ (Shining) на незаборавниот Стенли Кјубрик (Бог да го прости), секвенција во која откриваме дека Џек Николсон, кој го толкува главниот лик во филмот, писател, што на определен рок се вработил како чувар на еден луксузен хотел во планините, кои стануваат непроодни во зима поради честите и силни снежни бури, е потполно забеган.
Имено, тој пишува една иста реченица одново и одново, на стотици страници. Потоа Кјубрик нѐ води низ една ужасна хорор-димензија на тешко психичко нарушување, кое ескалира во манијакално поведение.
Хомоцидот почнува во обид, кон своите најблиски (сопругата и малолетниот син), а се остварува со убиството на Афроамериканецот, кој е домар на хотелот и единствениот човек кој живее со малата фамилија во таа зимска пустелија и е контакт со цивилизацијата.
Сцените во гигантските фрижидери на хотелот, преполни со замрзнато месо, се морничави и уште повеќе го потенцираат студот што владее насекаде, па и во душите на протагонистите.
Тука, генијалниот Стенли Кјубрик го лоцира стравот на еден синестетички начин, токму преку студот, преку празнината и отсуството на топлина, спокојство и радост. Суспензиите и драматичноста на ова дело добиваат страшна сугестибилност преку музичкиот амбиент, создаден од композиторот Пендерецки.
Секако, авторот на ова филмско ремек-дело не пропушта да внесе во неговиот визуелен наратив, кој упатува на фантазмагоричното, надреалното, но и паранормалното, една застрашувачка мета-текстуална драма, поврзана со грозоморното злосторство од минатото, но и едно предание за тоа дека овој хотел, всушност, е изграден врз стара индијанска некропола – свето место за локалните домородци.
Тука гледам нова коинциденција меѓу хотелот од „Сјаење“ и американската амбасада во Скопје, сместена на Калето, локација за која сите археолози во Македонија знаат дека во минатото била некропола. Турска, од османлискиот период, средновековно-христијанска, античка или, можеби, праисториска?
Тоа место никогаш не беше темелно истражено од македонската археолошка наука. Во целата наша снисходливост и стравопочит кон (во тоа време) единствената суперсила на светот (денес веќе не е така) ѝ го продадовме тој дел од калето на Америка со најдобри намери и бескрајна сервилност. Во наивна надеж дека светскиот хегемон (во тоа време предводен од сега развластените неолиберали) ќе нѐ засака и ќе види во нас милозливо галениче.
Но, играјќи се така на опасното геополитичко поле, кога државата се поведе по сопствениот економски интерес, хегемонот веднаш во тоа виде инает и самоволие, но и загроза на својата доминација и удри безмилосно по кутрото галениче.
За да ги затскрие своите злосторнички гестови, тој казната ја обмисли многу итро и подмолно, а спроведувањето на овој пеколен план, кој на малата исплашена државичка требаше да ѝ даде незаборавна, да не кажам, историска лекција, ги мобилизира сите криминалци во државата, тука давајќи им предност на оние од политичката провиниенција.
Што да се прави? Така оди тоа со менување влади. Така се прават преврати, пучеви и револуции. Така, впрочем, се казнуваат сите влади што ќе покажат непослушност и нелојалност кон хегемонот.
Но, ние сме лојални и покорни!!! – квичат засегнатите, а засегнати се сите, освен групацијата што треба да се инсталира на власт и чијашто политика ќе бидат во апсолутна корелација со оние на хегемонот во регионот.
Како тоа лојални кога не ставивте санкции врз Русија, кога сите наши слуги ставија?! Зошто земавте кредити од Кина, а?! Знаете ли дека оваа држава ја разорува нашата економија?! Зошто уште не го менувате името, со лижавче ли да ве молиме?!
Но, ние даваме војска во мисиите во Авганистан и сѐ правиме за да ви угодиме!!!
Не сте лојални! Шурувате со Путин! Преку православието и преку славјанството премногу се доближивте до Русија, нашиот главен стратегиски предизвик! За ова ви нема спас од казната, која сакале или не сакале да се покорите, ќе си ја добиете!
И така би. Прво платениците и Соросовите лакеи. Ете, тоа ви е Шарена револуција. Претходно, подготовка на теренот со таканаречените „бомби Заеви“, добиено од англоамериканските тајни служби. Па, СЈО. И на крајот, како шлаг на тортата – албанското крешендо во манипулирањето со гласовите и, конечно – „Платформата“.
Ете, гледате, што правиме кога одите против нашата волја!
Но, вие ни ја уништивте државата сосе целиот општествен и политички систем!!!
Да не сакате песни да ви пееме?!
Но, за прикаската да не биде предвидлива и, сепак, нешто од целата оваа субверзивна акција да биде спасено, победи Трамп. Тоа ги остави зинати сите учесници во оваа конспирација против Република Македонија.
Како, сега? Кои чекори да се преземат? Што ќе нареди Трамп? Што ќе потпише Тилерсон?
Стравот ја опфати големата цитадела, посадена врз некрополата на Калето. Одеднаш сјаат чудни паранормални проблесоци со молскавични халуцинации. Ќе да е полтергајст ефект.
Велат, имало такви феномени во Злокуќани, самото име реферира на чудни и необјасниви појави, што длабоко ги вознемируваат луѓето од тој дел на Скопје и, поради тоа, често била барана интервенција од истерувачи на духови, бајачи и разноразни шамани. Во Топаана, наспроти американската амбасада, сигурно има најмалку тројца такви. Не треба да се оди далеку. Едно генерално чистење на спиритистичко ниво, нема да биде на одмет, за мир во куќа.
А тука е и Архиепископијата, па би можеле во посредство со архиепископот Стефан да биде повикан свештеник за да ги искади просторите на амбасадата со темјан и да се испрска света водичка. Ќе биде ко’ ново. А, ако тоа им е премногу (too much), може да го повикаат и хорот на Харе Кришна да запее. Верувајте, љубовта е појака од сите ваши казни, од сите ваши конспирации и подмолности, од сите ваши лаги и злосторства, љубовта е појака.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.