Интервјуто на амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли го примив со доза на разочараност, пред сѐ, поради тоа што очекував од него да прикаже поголема храброст имајќи предвид дека во последниве две години тој јавно и сигурно ја вршеше улогата на лидер на опозицијата во Македонија. Уште помалку се надевав дека Бејли во стилот на Заев, крајно кукавички, ќе негира сѐ, вклучително и неговата јасна наклонетост кон СДСМ. Крајно неуверлив беше неговиот обид да се прикаже пред тие под чијашто истрага е во САД како дипломат што се придржува до виенската конвенција и работи исклучително во интересите на американските граѓани, а не во полза на одредени политички интереси и на центри на моќ.
По две години минати во Македонија, амбасадорот, практично, дејствуваше како турист тукушто слетан во државата. А добро ни е познато како допатува амбасадорот во Македонија. Уште недојден ги навреди своите идни домаќини, Македонците, нарекувајќи ги „Славомакедонци“ за време на сведочењето пред американскиот сенат (во септември 2014 година). Неговата провокација тогаш предизвика бурни реакции во македонската јавност, а македонското МНР по тој повод испрати вербална нота до Амбасадата на САД во земјава. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, во таа пригода протестната нота ја оцени како „предрско однесување“ на македонските власти! Тогаш јавноста му се чудеше, сега ни е многу појасно зошто реагирал така.
Случајно или не, времетраењето на мандатот на Џес Бејли се совпаѓа со почетокот на кризата во Македонија. Пристигнува непосредно пред почетокот на објавувањето на нелегално прислушуваните разговори од страна на Зоран Заев. Сите тие што одблизу ја следеа кризата добро знаат каква улога играше американскиот дипломат зад завесата во сите поважни политичко-безбедносни настани што се случија во периодот што следуваше. Јавноста, пак, ги памети само неговите јавни настапи. Би потсетил само на неколку од кои јавноста беше шокирана, како на пример од телеграмата со сочувство „за загинатите на двете страни“ во настаните во Диво Насеље испратена уште пред кој било официјално да соопшти дека има жртви. Сите до денес се чудат зошто Бејли жалеше за загинатите терористи, како што се чудат на фотографиите на Заев од местото на настаните, кој, пак, никогаш не ги посети семејствата на загинатите бранители.
Веќе следниот ден по настаните во Диво Насеље, додека знамињата во целата држава беа на половина копје и додека Македонија жалеше за осумтемина загубени херои во пресметката со терористичката група, истиот овој амбасадор, во придружба на уште неколку европски дипломати, се натопори пред владата упатувајќи директни барања до тогашната легитимно избрана власт, со што отворено се стави на страната на опозицијата и директно се вмеша во внатрешните работи на државата. Оттогаш наваму, помалку или повеќе јавно, Бејли беше вклучен во донесувањето на сите поголеми политички одлуки во државата. Сите паметиме дека до доцните часови на 23 февруари 2016 година истиот тој вршеше притисок врз раководството на ВМРО-ДПМНЕ бранејќи ги цврсто позициите на СДСМ за да се одложат изборите на 24 април. Освен што вршеше притисок врз политичарите, беше обвинуван и за цензура на медиуми и на новинари, кои јавно го критикуваат. Вакви примери има уште многу. Набројав само неколку за да ја објаснам мојата зачуденост од презентираната наивност на Бејли во интервјуто каде што вели дека немал став во однос на албанската платформа затоа што тоа не било негова работа!
„Немам став околу ова прашање. Платформата не е нешто на што е фокусирана меѓународната заедница!“ врати во интервјуто Џес Бејли, амбасадорот на САД, земјата што го гарантира Охридскиот рамковен договор, кој директно се урива со оваа албанска платформа! Дали амбасадорот сакаше да ни каже дека Вашингтон веќе не стои зад Охридскиот договор? Како претставник на земјата што го гарантира овој мировен договор треба да е свесен колку опасно игра со ваквите изјави затоа што во договорот е нагласено дека е конечен, непроменлив, без можност за никаква дополнителна интервенција.
На оваа опасна порака, Бејли се надоврза со уште поопасна во која вели дека тој бил фокусиран на реформите со кои Македонија ќе се приближи до НАТО. Амбасадорот добро знае дека Македонија одамна ги исполни условите за членство во НАТО и дека единствената пречка е името на државата. Оттука, од недоволно прецизната изјава на Бејли се отвора дилема дали тој во моментов е фокусиран само на промената на името и ништо друго не го интересира што се случува во државата?
Но, амбасадорот, кој нема став за албанската платформа и кој вели дека е фокусиран на реформите со кои Македонија ќе влезе во НАТО, се покажа дека имал став за работата на СЈО. Всушност, не за начинот на кој работи, туку само за рокот за поднесување обвиненија. Замислете, и тој став му е идентичен со ставот на СДСМ. Бејли сметал дека рокот од 18 месеци, кој го предложила меѓународната заедница за време на преговорите во Пржино, сега не е доволен затоа што „кога била формирана институцијата не бил сигурен дали некој има добра претстава за тоа колкав материјал е во прашање“. Очигледно, амбасадорот заборава дека во тоа време Зоран Заев тврдеше, а сите Соросови медиуми како апсолутна вистина пренесуваа дека биле прислушувани 20.000 граѓани и дека тој има еден милион разговори! Во ноември лани од СЈО соопштија дека имаат нешто повеќе од 500.000 снимки од 5.800 граѓани. Математиката никако не му оди в прилог на логиката.
Ако, навистина, неговата намера била, како што вели „на крајот СЈО да стаса до целта, а тоа е да се утврдат фактите и да не се дозволи овој процес да заврши со тоа сите да останат со погрешни информации, озборувања, шпекулации…“, тогаш во продолжение на реченицата неминовно мораше да го осуди пристрасното работење на институцијата и да побара целосно расчистување на случајот „Пуч“! Доказите обезбедени во овој предмет можат да докажат многу повеќе од тоа што го предвидел американскиот амбасадор како крајна цел, иако не сум сигурен дека тоа ќе му се допадне.
Сепак, неговата најголема потреба да се објаснува и дообјаснува беше во контекст на истрагите што се најавени од конгресот во САД за неговата работа во Македонија, односно за начинот на кој се трошеле парите на американските даночни обврзници. За потсетување, конгресмените во писмо го прашаа Бејли, но сѐ уште не добиле повратен одговор од него, дали американската амбасада и мисијата на УСАИД финансирале организации на Сорос, кои застапуваат одредени политички идеологии, односно дали се делени пари за проекти на политички пристрасни организации што застапуваат идентични ставови со одредена политичка партија, што е спротивно на американските закони?
Бејли во интервјуто беше категоричен дека УСАИД не работи на уривање на владата, а грантовите дадени на Фондацијата Отворено општество на Сорос биле наменети за родова еднаквост на жените во Тетово и за екологијата во Делчево и во Битола.
Тоа подразбираме под „граѓанско учество“ и тоа финансира УСАИД. Грантовите не се поддршка на идеологија или политичка партија. Се работи за создавање услови за „здрава демократија – вели Бејли.
Во дефиницијата за „здрава демократија“ амбасадорот изостави да објасни зошто, невладините организации на Сорос во Македонија, ако, навистина, се непартиски, како што треба да бидат, пропагираат ставови што целосно се совпаѓаат само со една партија? Зошто критиките на овие граѓански активисти, кои се финансирани од американски пари, се насочени само кон една партиска страна, односно кон ВМРО-ДПМНЕ, а нивните барања конвергираат со една политичка партија, т.е. со СДСМ? Зошто истите луѓе што добиваа пари од УСАИД ги гледавме во првите редови на таканаречената „шарена револуција“?
Амбасадорот, исто така, ќе треба да им објасни на неговите надлежни дали со пари на американските граѓани во Македонија „создавал услови за здрава демократија“ преку поттикнување активности и спонзорирање обуки за протести? Ќе наведам само еден пример од 2015 година кога Сорос и УСАИД објавуваат „повик за акции“ во кој бараат од активистите од „школата за граѓанско општество“ да даваат предлози за протести што ќе се плаќаат по 1.500 долари од идеја.
За поширока илустрација на работата на УСАИД од 2015 година ќе наведам уште еден пример: мисијата на УСАИД во Македонија во јануари истата година, непосредно пред почетокот на протестите организирани од опозицијата за насилно уривање на власта, доделува 27 грантови на Соросови невладини организации во висина од 868.670 долари. Проектите се предвидени да се спроведат во наредните 12 до 18 месеци, а фондацијата Отворено општество на Сорос е задолжена да обезбеди „вмрежување, обуки и консултации на сите корисници на грантови“.
Истите овие организации во изминатите две години ги гледавме како дејствуваат синхронизирано против власта и испорачуваа барања до владата, кои во најголем дел се совпаѓаа со барањата на СДСМ.
Верувам дека инспекцијата на Конгресот ќе биде уште потемелна и уште попрецизна во однос на расчистување на сомнежите, а ако ова се аргументите на амбасадорот со кои планира да се брани пред надлежните институции во САД, тогаш може само да претпоставиме каков ќе биде заклучокот на истражителите.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.