| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши победничката низа на МЗТ во АБА-лигата, во Белград поразен со 19 поени разлика

mzt skopje 1

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје ќе стравува се до последното коло во АБА лигата за својот опстанок, откако забележа пораз на гостувањето кај тимот на ФМП со резултат од 101-82. За клубот од Аеродром ова значеше крај на победничката низа од три победи во АБА лигата, односно втор пораз во низа по оној од Фени Индустри во полуфиналето од Купот на Македонија.

ФМП од самиот почеток на дуелот ја презеде контролата на играта и резултатот, одржувајќи ритам за постојано водство. Иако, низ првите 20 минути се играше и навидум израмнето, сепак домашните на полувреме заминаа со предност од седум поени (44-37).

Дефинитивно победникот на натпреварот беше решен во третиот период од играта, кога ФМП ја направи и клучната разлика. По третата четвртина српските кошаркари имаа предност од недостижни 18 поени, па последните 10 минути беа само рутина за нив да ја заокружат убедливата победа.

mzt skopje

Во редовите на македонскиот шампион најефикасен беше Скот со 26 поени дополнети и со пет скока, Дреновац постигна 14 поени додека Клоф дуелот го заврши со 12 поени. Во победничкиот тим предводеше Остин со 20 поени, а Апиќ мечот го заврши со 17 поени.

МЗТ по овој пораз остана на претходните осум победи, сега и со 15 порази, останувајќи на 11-та позиција на табелата. ФМП, пак, стигна и до десеттата победа, наспроти и 13 порази.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top