| четврток, 6 декември 2018 |

Металург го надмудри Горење

metalurg gorenje

Со фуриозен финиш „металурзите“ дојдоа до победа над Горење, 28:25, во последниот меѓународен настап пред својата публика сезонава

Металург со 28:25 (14:15) го совлада Горење во последниот натпревар пред својата публика во СЕХА лигата, кој воедно претставуваше и одјава на меѓународните настапи за сезонава. Тимот на Лино Червар имаше фуриозен финиш на мечот и дојде до петтиот триумф во регионалното натпреварување. „Сино-белите“ одиграа фантастично во завршните 15-тина минути, во кои се вратија по негатива од четири гола (19:23). Пресвртот го предводеше Вања Илиќ, кој покрај реализацијата, на двапати во низа украде топка од противникот и асистираше прво на Гуглета, а потоа и на Кузмановски за 22:23 во пресрет на последните десет минути од мечот.
По тајм-аутот на Горење, Томовски блескаше на голот, а Металург дури во третиот обид успеа да изедначи преку Дрогришки, 23:23, за вистинска драма во финишот. Гол за гол се играше до крајот на натпреварот. Трагичар кај Горење беше Матјаж Брумен, кој не успеја да реализира пенал на две минути до крајот (стрелаше над голот). До крајот следуваа две атракции на „металурзите“, цепелин на Илиќ и Кузмановски, односно на Обрадовиќ и Нелоски со кои беше запечатен триумфот.
Вања Илиќ со 7/7 беше најефикасен кај Металург, следен од Обрадовиќ со 5 погодоци, додека Арсиќ имаше 10 интервенции. Кај Горење Поточник со 8 гола е прв стрелец.
До крајот на настапот во СЕХА лигата на Металург му преостанува уште гостувањето кај Извиѓач на 28 февруари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top