Уште колку денови, часови и минути ќе бидат потребни за македонските граѓани и нивните здруженија, партии и институции да се освестат и, конечно, да сфатат дека таканаречената платформа на трите албански партии, всушност, е – објава на војна кон Република Македонија.
Тоа, секако, не е директна, брутална објава на војна, како што е правено во минатите векови, туку оваа платформа на ДУИ, Беса и на Алијансата на Албанците е една еуфемистичка уцена, при која на помалку или на повеќе суптилен начин се нуди нешто што воопшто не е прифатливо ниту за граѓаните на Република Македонија ниту, пак, за сите етникуми во државата, вклучувајќи го тука и албанскиот етнички корпус. Зошто дури по изборите овие три партии на Албанците, со помош на странскиот фактор, го компонираа овој политички ултиматум? Зошто не го конституираа пред изборите за нивните гласачи да видат со што се зафатиле и каде би можеле да бидат одведени следејќи ги, вака изманипулирани и на слепо?
Ова, едноставно, не е фер кон нашите сограѓани Албанци, кои традиционално гласаат за ДУИ, а и со извесен квантум ентузијазам им го дадоа својот глас на новопојавените партии, Беса и Алијансата на Албанците.
Но, платформата во предизборието не постоеше. Реториката беше националистичка и радикална, дополнително фризирана од потезите на СДСМ, на господинот Заев, но овој „Франкенштајн“, сега подгреан од последните остатоци на развластените американски неолиберали и нивните европски трабанти, овој пат откинати од централата во Вашингтон Д.Ц. и аутизирани во чудни политички лордовства, калифати и кнежевства, наместо да го положат „оружјето“ и да му изразат лојалност на новиот владетел на САД, Доналд Трамп, тие продолжуваат да роварат и ријат со уште посилен фанатизам по геостратегиската табла на светот, спроведувајќи ги со несмален инает своите планови.
Всушност, тие се сосема излезени од системите на хиерархија на американската политичка конституција и принципите на дистрибуцијата на моќта што САД ја имаат како силен фактор на убедување.
Ризикот што го преземаат овие администратори и дипломати на американската држава е огромен и доколку нивниот обид за преврат не успее, последиците за нив ќе бидат драконски.
Овие, таканаречени, лордови на политичкиот „непокор“ дејствуваат исклучиво партиски во име на Демократската партија на Обама, Клинтонови и Сорос, а нивната непоколеблива желба да го детронизираат претседателот Доналд Трамп е веќе загарантирана со нивните дејствија, кои, покрај небулозноста и хаосот при транзицијата на власта во САД, веќе се на големо јасни, недвосмислени и екстремно опструктивни.
За волја на вистината, претседателот Трамп има проблеми и со десетици, па и стотици корумпирани од Сорос и другите центри на неолибералната моќ, челници во Републиканската партија, која и го кандидираше како претседателски кандидат. Тука се собрале и по некој сенатор и конгресмен, кои, наместо да го поддржат сопствениот претседател, конспирираат со демократите и вршат секакви субверзии во системот по нивен налог.
Несомнено, вообичаената „мека“ транзиција на власта во САД, што ја инаугурираше поранешниот претседател Барак Обама, беше само уште една шарена лага на најлажливиот, најнеуспешен и најфрустриран претседател во историјата на Америка.
Ако ова продолжи и ако претседателот Трамп не ги мобилизира сите ресурси на државата за да го спречи овој процес, тогаш американското општество ќе влезе во ужасен галиматијас, кој неминовно ќе води кон граѓанска војна. А, од таква ситуација, фрагилната американска федерација може да се разбие во парампарче и да замине во историјата со истата брзина со која и се наметна, користејќи ја својата поволна геостратегиска позиција и двете светски војни од минатиот век, што почнаа во Европа.
Затоа овој период е да се биде или не за Доналд Трамп и за неговиот тим. Затоа толку тешко стигнува бранот на промените до остатокот на светот. Раѓањето на новата Америка оди болно и бавно, а остатоците од неолибералната олигархија на демократите и нивните елитни републикански сојузници прават сѐ само Трамп да заглави во хаосот и, ако ништо повеќе, да биде блокиран, а неговата администрација, нефункционална и неефикасна.
Во дипломатијата, пак, сите проекти за поставување неолиберални влади, финансирани од Сорос, уште повеќе се интензивираа. Сега тоа треба да бидат влади против Трамп, кои ќе бидат добри платформи за дејствување однадвор кон новата сѐ уште нестабилна Трампова влада.
Затоа и поранешниот шеф на ЦИА, Бренан, беше во Тирана пред неколку месеци. Претпоставувам дека при таа посета Еди Рама и директорот на ЦИА ја договориле платформата, а потоа таа како штафета им е предадена на овие неколку партии на македонските Албанци. Веројатно, ова е пледоаје за финалното решавање на албанското прашање во Европа.
Рама, како примател на Соросови пари и американска моќ, ни во сон не можел да го одбие овој предлог иако многу добро знаел дека ако Трамп ги победи демократите на терен и ги исчисти од сите одлучувачки позиции во системот на владеење на САД, ќе му следува страшна казна. Но, веројатно се надева дека вродениот талент за умилкување уште еднаш ќе го спаси од гибелта.
А, што се однесува до нас овде, во Македонија, ние сите треба што побрзо да излеземе од овој хипнотички транс и да се подготвиме за провокативната и заканувачка политичка реалност. Ако не, повторно нѐ чека ужасна и убиствена војна, за која, и тоа како, треба да се подготвиме зашто овој злосреќен ултиматум беспоговорно упатува на тоа.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.