Поранешниот министер од СДСМ и генерален секретар на оваа партија Ѓорѓи Спасов, вели дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети лаже и клевети. Откако Ахмети вчера распали по Спасов, тој денес му враќа со иста мера.
„Не знаев дека никој не смее да се шегува со командантот Ахмети. Раскажав само виц од книгата ‘Златна решетка’ во кој само името на Тодор Живков го заменив со името на Али Ахмети. Ако тој виц бил толку навредлив за него се извинувам, но јас мислев дека тој има поголема смисла за хумор. Се согласувам дека вистината за секого треба да излезе на виделина. За информација на Ахмети ниту сум се сретнал во животот ниту сум бил соработник ниту истомисленик на Милошевиќ. Напротив имам многубројни докази за тоа дека од денот кога се појави Милошевиќ на политичката сцена сум негов најжесток критичар преку своите колумни во ‘Наша борба’ уште кога беше многу моќен, а потоа сѐ до денес во сите мои настапи. Ако Ахмети има други информации, редно е јавно да ги презентира. Такво нешто не можел да слушне од Алан Касоф, кој го водеше проектот ‘ПЕР’. Точна е само анегдодата за случувањата во Зоолошката градина. Таа анегдода Касоф, со кого бев пријател, често ја раскажуваше и пред мене. Настанот се случи за време на една конференција на езерото Палиќ кај Нови Сад, на која учествуваме со Арбен Џафери. Меѓу бунгаловот во кој беше сместен Касоф и ресторанот во кој вечеравме беше позната зоолошка градина во која животните не се затворени во кафези туку со друг вид огради и канали, па се стекнува впечаток дека се на отворено. Касоф по вечерата ме замоли да го допратам и тој на половина пат ми рече дека натаму знае, ама залутал кон зоолошката градина и многу се исплашил дека ќе го изедат лавовите. По таа вечер секогаш ја раскажуваше анегдотата како намерно сум го пратил да го јадат лавовите и секогаш се смеевме. Беше прекрасен човек и првпат се сретнав со Ахмети на конференција во Лугано што Касоф ја организираше. Но, Теута Арифи, која доаѓаше на конференциите кои Касоф ги организираше на Маврово има подобар увид од Ахмети во тоа колку Касоф и неговите соработници ја ценеа мојата улога во креирањето на јавното мислење за градење на добри меѓуетнички односи. Сѐ друго се обични навреди и клевети од човек кој не може да поднесе ниту шегување на своја сметка, а камо ли сериозна критика“, напиша Спасов на својот профил на „Фејсбук“.
Ахмети, преку својот официјален профил на „Фејсбук“ вчера распали по Спасов.
„Овој лажго, соработник и истомисленик на Слободан Милошевиќ беше токму Ѓорѓи Спасов, кој денеска ни се претставува како интелектуалец и модерен и сака со ниски навреди, без капка човечка и семејна воспитаност, да влијае врз јавното мислење“, стои во реакцијата на Али Ахмети.
Статусот на Ахмети го пренесуваме во целост:
„На 10-11 мај 2003 година, организацијата ПЕР (Project on Ethnic Relations) организира една конференција за поминатите шест месеци од првата меѓуетничка коалиција во Македонија, поканувајќи претставници од политичките партии и од меѓународната заедница во Маврово.
Меѓу поканетите бев и јас. Голем впечаток ми остави коментарот на претседателот на ПЕР, господинот Ален Касоф, за еден од поканетите на вечерата помеѓу гостите.
Господинот Касоф му кажа на овој пратеник дека го познава од некаде и дека се сретнале некогаш порано, но на пратеникот не му текнуваше за таа средба иако ги смени изразот и бојата на лицето.
Пред присутните господинот Касоф раскажа дека оваа личност ја сретнал за време на една непријатна средба со Слободан Милошевиќ во Белград и дека никогаш нема да го заборави лицето на овој македонски пратеник. После средбата со Милошевиќ, гостите од меѓународната заедница, меѓу кои бил и Касоф, го прашале овој човек за патот до хотелот, при што тој им дал погрешни насоки и наместо кон хотелот, ги упатил кон зоолошката градина.
Господинот Касоф му кажа на пратеникот дека никогаш нема да го заборави неговото лице токму поради стравот што му го наметнале криковите на животните од зоолошката, односно поради лажните насоки на овој човек.
Овој лажго, соработник и истомисленик на Слободан Милошевиќ беше токму Ѓорги Спасов, кој денеска ни се претставува како интелектуалец и модерен и сака со ниски навреди, без капка човечка и семејна воспитаност, да влијае врз јавното мислење или да се направи ‘интересен’ како задоцнет адолесцент кој го пропуштил и општествениот и политичкиот воз.
Ја раскажав оваа приказна почитувани пријатели затоа што вистината го има започнато својот пат и треба да излезе на виделина, за секој од нас, а особено за ваквите лажговци“.
Ова воедно е одговорот на Ахмети, кој следува по статусот на Спасов, а во кој тој ја споменува и сопругата на лидерот на ДУИ. Спасов објавил виц за лидерот на ДУИ со исклучително навредлива содржина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.