| четврток, 6 декември 2018 |

Арсов: Македонија ќе опстои и покрај сите предавства

СДСМ и натаму со странските платеници ја урива Македонија. Нивните сојузници се Соросовите платеници, странските амбасадори и шарената револуција. На сите најголема пречка им е идентитетот на Македонија. Без промена на идентитетот нема влез во НАТО и во ЕУ. Тоа го сакаат од надвор, тоа го сака СДСМ однатре. Кој ќе победи? Дали СДСМ и неговите сојузници од надвор или партијата ВМРО-ДПМНЕ, која за сојузник го има народот. Последните избори покажаа дека победник е ВМРО-ДПМНЕ. Ќе додадеме: тоа што го сака народот никој не може да го оспори. Македонија мора да опстои во борбата за својот опстанок, вели Арсов во интервју за неделникот „Република“

Осумдесетгодишниот Драги Арсов, прв потпретседател на Собранието на РМ, е еден од учесниците во преговорите за поделба на власта по првите повеќепартиски избори во независна Македонија. Арсов со големи емоции се потсетува на период по изборите во 1990 година, на кои ВМРО-ДПМНЕ победи, но не успеа да формира влада. Тој тврди дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ тогаш било измамено од кликата на СДСМ, а Глигоров четири пати одбил да им го довери мандатот за формирање влада и покрај јасната определба на граѓаните. Арсов ќе остане запишан во македонската историја и како потписник на декларацијата за независност.

 

Деновиве како никогаш порано е актуелна владата од 1992 година, но ретко кој ја споменува и ситуацијата од 1990 година, кога ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, а претседателот Киро Глигоров четири пати одби да му го додели мандатот на Љубчо Георгиевски. Што се случуваше таа 1990 година?

АРСОВ: Лично сметам дека на Македонија не може да ѝ се случи тоа што се случуваше во 1990 година и во 1992 година, кога мандатот за состав на нова влада насилнички беше одземен од ВМРО-ДПМНЕ, партија што и тогаш беше победничка на изборите како и сега.

Во 1990 година лично учествував во разговорите за поделбата на власта по победата над партиите наследници на комунизмот. Тогаш наша најголема пречка беше прифаќањето на Киро Глигоров за претседател на Републиката, по вториот круг на гласањето, кога, дефинитивно, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ беа целосно изманипулирани. Изборот на Глигоров беше пораз за младата македонска демократија, која пред тоа ја почувствувавме, откако ВМРО-ДПМНЕ беше партија што со најголем број пратеници (38) влезе во парламентот. Никој не веруваше дека ќе го дочекаме тоа што ни го направија Глигоров, Стојан Андов и Петар Гошев, кои погазија сѐ што договоривме претходно.

Тие не ги прифатија нашите предлози за мандатар на новата влада. Ги отфрлија нашите кандидати, прво Александар Лепавцов и Тодор Богданов, а потоа Милан Ставрев и Панде Костурски. „Може ли уште некој да понудите!“ Додека Љубчо Георгиевски и Борис Змејковски зашеметено се чудеа на невидената ароганција, јас се јавив „можеме“, реков, „Што мислите за Драган Богдановски! Нивната реакција беше шокирачка. Веќе немаше разговор – нашите кандидати беа одбиени“.

Експертската влада што беше формирана од Никола Кљусев, не беше влада на ВМРО-ДПМНЕ, туку влада на Киро Глигоров.

Dragi-Arsov-int232-2

Дали е точно дека тогаш постоел меѓупартиски договор – СДСМ да предложи претседател, тоа е Киро Глигоров, а ВМРО-ДПМНЕ да даде мандатар за влада?

АРСОВ: Точно е дека по првите парламентарни избори се водеа меѓупартиски разговори меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Разговорите што ги предлагаа СДСМ се водеа во просториите на ЦК СКМ (сегашна Влада на РМ), ВМРО-ДПМНЕ своите разговори ги водеше во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“, во канцеларијата на тогашниот директор Васил Манчев.

Во тоа еуфорично време Универзитетската библиотека, каде што се собиравме речиси секој ден, беше средиштето на младата македонска интелигенција, која сакаше политички промени во Македонија.

Во почетокот разговорите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се одвиваа тешко бидејќи и едната и другата партија претендираа на свој кандидат за претседател на Република Македонија.

СДСМ во овие разговори не попушташе и жестоко се бореше за претседателската функција. ВМРО-ДПМНЕ ја имаше поддршката од целиот народ. И таа сила не можеше да се победи без итрината со која се служеше СДСМ. Тој преку старата влада го наметна законското ограничување од 40 години за претседател на Република Македонија. Тоа создаде пречка за Љубчо Георгиевски да се кандидира. Спречи нешто што не можеше никако да се спречи.

По овој настан патот на Киро Глигоров беше пробиен. Другите наши предлози лесно се одбиваа – прво архиепископот г.г. Михаил, кого го заплашија дека ќе му ја симнат мантијата, а потоа и Блаже Ристовски, кој беше претходно изманипулиран и место да биде наш кандидат за претседател, тој за таа функција го предлагаше Киро Глигоров.

Откако во просториите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на РМ му реков на Блаже Ристовски дека го повикавме за да го предложиме за наш кандидат за претседател на републиката, тој без двоумење ми одговори: „Зошто не го предложите Киро Глигоров!“ Да се чудиш! Ние го предлагаме Блаже Ристовски, а тој – Киро Глигоров. Ете, тоа беше Блаже Ристовски во тоа време – верен приврзаник на Киро Глигоров и на комунистичкиот систем, а таков, за жал, беше и најголемиот дел од македонската интелигенција.

Разговорите за претседател на републиката завршија неповолно за ВМРО-ДПМНЕ. Завршија на насилнички начин. Киро Глигоров беше избран за претседател, по второто гласање, откако пред тоа се изврши силен притисок врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го променат своето мислење за Глигоров. Тој ја немаше поддршката од мнозинството пратеници на првото гласање.

 

Значи СДСМ и Глигоров тогаш ја измамија ВМРО-ДПМНЕ, односно не го почитуваа договорот?

АРСОВ: Точно, СДСМ и Глигоров ја измамија ВМРО-ДПМНЕ за мандатарот на новата влада. Откако во разговорите за поделба на власта ВМРО-ДПМНЕ прифати кандидатот за претседател на РМ да биде од СДСМ, се договоривме кандидатот за премиерското место да биде предложен од ВМРО-ДПМНЕ. Жив сведок сум дека овој вонпарламентарен договор беше гарантиран како „цврст“ договор, обврзувачки за двете страни. И што се случи. Повторно измама! Не помогнаа предупредувањата дека ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе биде изманипулирана. Никој не веруваше дека ќе се случи тоа што се случи. Не верувавме дека имаме работа со докажани комунисти – болшевици. Посебно Киро Глигоров беше типичен пример од редовите на Титовите комунисти – „по професија – револуционери“. Таков беше Темпо и сличните на него, кои ја уништија Македонија во времето на НОБ, посебно по Првото заседание на АСНОМ.

Прво, договорот за мандат на влада повеќепати се одложуваше, додека не стана јасно дека нема ништо од договореното со Киро Глигоров! Едноставно, бевме измамени на најдрзок начин. Поранешниот систем на кој му припаѓаше Киро Глигоров не падна.

Второ, се уверивме дека за Киро Глигоров, вонпарламентарниот договор за поделба на власта не значи ништо. Откако седна на претседателскиот трон, тој веќе беше недопирлив за сите нас. Со апсолутистичката власт палеше и гасеше заедно со СДСМ. Не прифати поделба на власта. Покрај претседателската, ја грабна и извршната власт. Владата на Кљусев беше чисто влада на Глигоров, а не на ВМРО-ДПМНЕ.

Единствено што ВМРО-ДПМНЕ го доби по изборите како победничка партија беше едно од четирите потпретседателски места на Собранието на РМ. Тоа место ми припадна мене од кое по извесно време се откажав, поднесувајќи неотповиклива оставка.

Сите наши обвинувања во парламентот дека Киро Глигоров изврши „пуч“ врз младата македонска демократија беа игнорирани.

Никој не веруваше дека со таквото владеење Киро Глигоров и СДСМ ќе ја доведат Македонија до катастрофата што се случи и која сѐ уште трае.

Dragi-Arsov-int232-3

По изгласувањето недоверба на техничката влада во 1992 година, мандатот, конечно, му беше доделен на Љубчо Георгиевски, но откако не успеа да формира влада, претседателот Глигоров двапати му даде шанса на СДСМ, иако тоа не е предвидено со Уставот. Се сеќавате ли на околностите во кои се случуваа овие настани?

АРСОВ: Посебна приказна беше владата на Никола Кљусев. Тој ништо не прифаќаше од тоа што се случуваше во Хрватска и во Словенија. Југославија се распаѓаше со војната што ја водеа Хрватите и Словенците, кои крваво се бореа за својата независност и самостојност. Кљусев, посебно Киро Глигоров со платформата Глигоров – Изетбеговиќ се бореа за спас на Југославија. Македонските функционери од типот на Васил Тупурковски и гувернерот Борко Станоевски последни го напуштија Белград во споредба со функционерите од Хрватска и од Словенија, кои веднаш заминаа дома да ја бранат својата слобода и државна независност.

Македонија од крвавите борби во Хрватска и во Словенија, вклучувајќи ја и Босна, ги добија ковчезите (40-45) на македонските војници, испратени на фронтовите во согласност со нашата техничка влада. Министер за одбрана беше генералот Ристо Дамјановски, кој цело време додека траеше конфликтот ги враќаше нашите војници што бегаа од фронтот. Беше слеп послушник на Генералштабот во Белград, како што беа слепи послушници на Белград и повеќето министри од кабинетот на Кљусев.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со сила ја наметнаа декларацијата за независна Македонија, која Андов не сакаше да ја потпише, туку ја потпишав јас како потпретседател од ВМРО-ДПМНЕ.

Не само Андов, Глигоров, владата и пратениците од СДСМ и нивните коалициски партнери тогаш повеќе ја сакаа Југославија, отколку независна Македонија. Одбиваа да се прифати во парламентот секој предлог што имаше национален белег. Наспроти отпорот од народот на Македонија и изразениот револт во одбрана на националните амандмани со кои се предлагаше Македонија да биде национална држава на македонскиот народ, во Собранието кликата на Глигоров, С. Андов и на Кљусев, на чело со Фрчкоски, го прифатија граѓанскиот устав. Со таквиот устав Македонија беше поразена, од што ни денес не може да заздрави.

Кликата на СДСМ предводена од Глигоров, С. Андов и од Бранко Црвенковски целосно ја уништи иднината на Македонија – го смени знамето, го уништи стопанството со приватизацијата за на крај Македонија да стане заедница на етничките заедници. Жив срам од кој тешко можеме да се ослободиме. Згора на тоа, СДСМ и натаму со странските платеници ја урива Македонија. Нивни сојузници се Соросовите платеници, странските амбасадори и шарената револуција. На сите најголема пречка им е идентитетот на Македонија. Без промена на идентитетот нема влез во НАТО и во ЕУ. Тоа го сакаат од надвор, тоа го сака СДСМ однатре. Кој ќе победи? Дали СДСМ и неговите сојузници од надвор или партијата ВМРО-ДПМНЕ, која за сојузник го има народот. Последните избори покажаа дека победник е ВМРО-ДПМНЕ. Ќе додадеме: тоа што го сака народот никој не може да го оспори. Македонија мора да опстои во борбата за својот опстанок. Тоа што го сака народот, го сака и партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Сите овие слободни толкувања на Уставот се должат на недоволната прецизност на членот 90. Можно ли е авторите на Уставот да не го предвидат пропустот? Или, можеби, намерно е оставен простор за евентуални злоупотреби на овој член?

Сведоци сме дека членот 90 од Уставот на РМ по последните парламентарни избори се толкува на различни начини. Според некои стручњаци по уставно прво, овој член го штити правото за добивање мандат на партијата што освоила најмногу гласови на парламентарните избори. Збрката настана откако победничката партија ВМРО-ДПМНЕ го врати мандатот откако не успеа да обезбеди мнозинство од 61 пратеник за избор на нова влада. Засега никој и не верува дека СДСМ, исто така, ќе обезбеди 61 пратеник за избор на нова влада, што беше мотив за многу шпекулации, насилства, шарени револуции итн. без да се избираат средства за да се дојде до власта. Нивните надежи натаму траат. Трае и кризата што ја создадоа. Сепак, јавноста го гледа крајот, а тоа се предвремени избори, кои ги предлага ВМРО-ДПМНЕ. Сметам дека веќе никој не сака да му помогне на СДСМ. Нема да му помогне ни недореченоста во членот 90 од Уставот на РМ што, можеби, и намерно е таков за да се создава криза. Без криза оваа партија не може да постои. Не верувам дека е намерно, но не е ни случајно, што СДСМ преку членот 90 и други слабости во Уставот бара начини за уривање на државата. Во тие намери овој пат доби помош и од албанските партии, кои на политичката сцена се појавија со црвените линии запишани во албанската платформа, подготвена во Тирана.

Ваквите позиции на СДСМ, помогнат од албанските партии предводени од ДУИ, не се за потценување. Секако дека тие прават штети и дека можат да ѝ наштетат на Македонија. Но, најмногу можат да си наштетат себеси. Уште малку недостига СДСМ да биде урнат и уништен. Од штетните последици не можат да се ослободат ни Албанците. Работите во Македонија никогаш не биле толку лоши колку што се сега и веќе никој нема да дозволи Македонија да биде уништена.

Dragi-Arsov-int232-4

Истата таа влада на Бранко Црвенковски подоцна направи непоправливи штети на македонското стопанство преку криминалната приватизација, но и беше главен виновник за прифаќањето на референцијата ФИРОМ и за менувањето на знамето. Стравувате ли дека историјата може да ни се повтори и денес, во случај СДСМ и Заев да успеат да формираат влада?

АРСОВ: Не, не стравувам дека историјата може да се повтори затоа што сум длабоко уверен дека СДСМ и Заев не можат да формираат влада. Историјата не се враќа назад, без оглед на тоа што СДСМ и Заев сакаат да се врати. Досега ништо не им помогна. Ни Киро Глигоров, ни Гошев, ни Стојан Андов, ни Бранко Црвенковски – творците на голготата низ која Македонија го минуваше својот пат. Наследниците на комунизмот, со помош на претходно споменатите лидери, не го урнаа претходниот систем, но тие го пробија патот за негово уривање. Веќе никој не може да им помогне зашто не може да се урива повеќе од тоа што беше урнато досега. Иако Македонија економски беше уништена со криминалната приватизација на Бранко Црвенковски, иако беше сменето знамето, името (ПЈРМ за меѓународна употреба), иако се атакуваше со војна од надвор, која заврши во полза на Албанците и на нивните права, со измена на Уставот и со Охридскиот договор, со потписи на тогашните лидери и на странските олеснувачи од ЕУ и од САД. И по сите овие предавства, насилства и притисоци – Македонија не беше уништена. Не. Сите овие насилства направија Македонија да биде уште посилна. Таа не дозволи и нема да дозволи да се смени нејзиниот идентитет. Македонија не може да се уништи затоа што таа настанала уште во најдалечното митолошко време – таа има своја митологија, свое име, свој јазик, своја свест за припадност и своја територија, наречена Македонија, според теонимот Македон, како што тврдат и повеќето антички автори. Таа историја не се уништува. Таа продолжува и ќе продолжува и понатаму.

 

Разговараше: Нeнад Мирчевски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Драги Арсов е објавено во 232. број на неделникот Република, 10.02.2017)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top