СДСМ и Глигоров ја измамија ВМРО-ДПМНЕ за мандатарот на новата влада. Откако во разговорите за поделба на власта ВМРО-ДПМНЕ прифати кандидатот за претседател на РМ да биде од СДСМ, се договоривме кандидатот за премиерското место да биде предложен од ВМРО-ДПМНЕ, се сеќава во интервју за „Република“ осумдесетгодишниот Драги Арсов, прв потпретседател на Собранието на РМ, е еден од учесниците во преговорите за поделба на власта по првите повеќепартиски избори во независна Македонија. Арсов со големи емоции се потсетува на период по изборите во 1990 година, на кои ВМРО-ДПМНЕ победи, но не успеа да формира влада. Тој тврди дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ тогаш било измамено од кликата на СДСМ, а Глигоров четири пати одбил да им го довери мандатот за формирање влада и покрај јасната определба на граѓаните. Арсов ќе остане запишан во македонската историја и како потписник на декларацијата за независност.
–Жив сведок сум дека овој вонпарламентарен договор беше гарантиран како „цврст“ договор, обврзувачки за двете страни. И што се случи. Повторно измама! Не помогнаа предупредувањата дека ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе биде изманипулирана. Никој не веруваше дека ќе се случи тоа што се случи. Не верувавме дека имаме работа со докажани комунисти – болшевици. Посебно Киро Глигоров беше типичен пример од редовите на Титовите комунисти – „по професија – револуционери“. Таков беше Темпо и сличните на него, кои ја уништија Македонија во времето на НОБ, посебно по Првото заседание на АСНОМ.
Прво, договорот за мандат на влада повеќепати се одложуваше, додека не стана јасно дека нема ништо од договореното со Киро Глигоров! Едноставно, бевме измамени на најдрзок начин. Поранешниот систем на кој му припаѓаше Киро Глигоров не падна.
Второ, се уверивме дека за Киро Глигоров, вонпарламентарниот договор за поделба на власта не значи ништо. Откако седна на претседателскиот трон, тој веќе беше недопирлив за сите нас. Со апсолутистичката власт палеше и гасеше заедно со СДСМ. Не прифати поделба на власта. Покрај претседателската, ја грабна и извршната власт. Владата на Кљусев беше чисто влада на Глигоров, а не на ВМРО-ДПМНЕ.
Единствено што ВМРО-ДПМНЕ го доби по изборите како победничка партија беше едно од четирите потпретседателски места на Собранието на РМ. Тоа место ми припадна мене од кое по извесно време се откажав, поднесувајќи неотповиклива оставка.
Сите наши обвинувања во парламентот дека Киро Глигоров изврши „пуч“ врз младата македонска демократија беа игнорирани.
Никој не веруваше дека со таквото владеење Киро Глигоров и СДСМ ќе ја доведат Македонија до катастрофата што се случи и која сѐ уште трае.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)