Лично сметам дека на Македонија не може да ѝ се случи тоа што се случуваше во 1990 година и во 1992 година, кога мандатот за состав на нова влада насилнички беше одземен од ВМРО-ДПМНЕ, партија што и тогаш беше победничка на изборите како и сега, вели во интервјуто за „Република“ осумдесетгодишниот Драги Арсов, прв потпретседател на Собранието на РМ, е еден од учесниците во преговорите за поделба на власта по првите повеќепартиски избори во независна Македонија. Арсов со големи емоции се потсетува на период по изборите во 1990 година, на кои ВМРО-ДПМНЕ победи, но не успеа да формира влада. Тој тврди дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ тогаш било измамено од кликата на СДСМ, а Глигоров четири пати одбил да им го довери мандатот за формирање влада и покрај јасната определба на граѓаните. Арсов ќе остане запишан во македонската историја и како потписник на декларацијата за независност.
– Во 1990 година лично учествував во разговорите за поделбата на власта по победата над партиите наследници на комунизмот. Тогаш наша најголема пречка беше прифаќањето на Киро Глигоров за претседател на Републиката, по вториот круг на гласањето, кога, дефинитивно, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ беа целосно изманипулирани. Изборот на Глигоров беше пораз за младата македонска демократија, која пред тоа ја почувствувавме, откако ВМРО-ДПМНЕ беше партија што со најголем број пратеници (38) влезе во парламентот. Никој не веруваше дека ќе го дочекаме тоа што ни го направија Глигоров, Стојан Андов и Петар Гошев, кои погазија сѐ што договоривме претходно.
Тие не ги прифатија нашите предлози за мандатар на новата влада. Ги отфрлија нашите кандидати, прво Александар Лепавцов и Тодор Богданов, а потоа Милан Ставрев и Панде Костурски. „Може ли уште некој да понудите!“ Додека Љубчо Георгиевски и Борис Змејковски зашеметено се чудеа на невидената ароганција, јас се јавив „можеме“, реков, „Што мислите за Драган Богдановски! Нивната реакција беше шокирачка. Веќе немаше разговор – нашите кандидати беа одбиени“.
Експертската влада што беше формирана од Никола Кљусев, се сеќава Арсов, не беше влада на ВМРО-ДПМНЕ, туку влада на Киро Глигоров.
Тој потврдува дека тогаш постоел меѓупартиски договор – СДСМ да предложи претседател, тоа е Киро Глигоров, а ВМРО-ДПМНЕ да даде мандатар за влада.
-По првите парламентарни избори се водеа меѓупартиски разговори меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Разговорите што ги предлагаа СДСМ се водеа во просториите на ЦК СКМ (сегашна Влада на РМ), ВМРО-ДПМНЕ своите разговори ги водеше во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“, во канцеларијата на тогашниот директор Васил Манчев.
Во тоа еуфорично време во Универзитетската библиотека речиси секој ден се собирала младата македонска интелигенција, која сакала политички промени во Македонија.
– Во почетокот разговорите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се одвиваа тешко бидејќи и едната и другата партија претендираа на свој кандидат за претседател на Република Македонија.
СДСМ во овие разговори не попушташе и жестоко се бореше за претседателската функција. ВМРО-ДПМНЕ ја имаше поддршката од целиот народ. И таа сила не можеше да се победи без итрината со која се служеше СДСМ. Тој преку старата влада го наметна законското ограничување од 40 години за претседател на Република Македонија. Тоа создаде пречка за Љубчо Георгиевски да се кандидира. Спречи нешто што не можеше никако да се спречи.
По овој настан патот на Киро Глигоров беше пробиен. Другите наши предлози лесно се одбиваа – прво архиепископот г.г. Михаил, кого го заплашија дека ќе му ја симнат мантијата, а потоа и Блаже Ристовски, кој беше претходно изманипулиран и место да биде наш кандидат за претседател, тој за таа функција го предлагаше Киро Глигоров.
Откако во просториите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на РМ му реков на Блаже Ристовски дека го повикавме за да го предложиме за наш кандидат за претседател на републиката, тој без двоумење ми одговори: „Зошто не го предложите Киро Глигоров!“ Да се чудиш! Ние го предлагаме Блаже Ристовски, а тој – Киро Глигоров. Ете, тоа беше Блаже Ристовски во тоа време – верен приврзаник на Киро Глигоров и на комунистичкиот систем, а таков, за жал, беше и најголемиот дел од македонската интелигенција.
Разговорите за претседател на републиката завршија неповолно за ВМРО-ДПМНЕ. Завршија на насилнички начин. Киро Глигоров беше избран за претседател, по второто гласање, откако пред тоа се изврши силен притисок врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го променат своето мислење за Глигоров. Тој ја немаше поддршката од мнозинството пратеници на првото гласање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)