| четврток, 6 декември 2018 |

Друштвото на писателите на Македонија доби донација за 70-годишниот јубилеј

Трифун Костовски донираше 100.000 денари по повод јубилејот 70 години од формирањето на Друштвото на писателите на Македонија.

По повод овој чин, ДПМ на Трифун Костовски, чија фондација при МАНУ со години е редок пример на вложувања во областа на науката и уметноста, му изразува јавна благодарност за неговата поддршка на културните и творечките процеси. Во знак на признателност, на Костовски ќе му биде предадена Повелба на ДПМ за осведочен поттикнувач на  вредностите во културата и поклоник на големото дело на Блаже Конески, првиот претседател на македонската писателска асоцијација.

Свечениот собир по повод 70-годишнината од формирањето на ДПМ, ќе се одржи на 16 февруари во Домот на македонските писатели, со врачување на наградите за најуспешни книжевни остварувања на писателите Гордана Михаилова Бошнакоска, Лилјана Пандева, Кристина Николовска и Александар Поповски.

Друштвото на писателите на Македонија е формирано на 13 февруари 1947 година.  Во изминатите седум децении во ДПМ своите творечки и организациони заложби ги здружија 540 писатели кои создадоа илјадници дела во областа на поезијата, романот, расказот, драмата, критиката, есеистиката и литературата за деца.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top