| четврток, 6 декември 2018 |

Оружјето пронајдено во чаирскиот подрум исто со она од Диво Насеље и од нападот на Владата

Триесетина гранати за рачен ракетен фрлач од ист вид со какви во два наврата беше гранатирана зградата на Владата во 2014 и 2007 година, а какви што беа запленети и од терористите во кумановска Дива Населба биле пронајдени во подрум во зграда во скопската населба Чаир, соопштија вчера од МВР

Според официјалните информации од полицијата, завчера околу 15.30 часот било пријавено дека во подрумските простории од станбен објект во населбата Чаир биле пронајдени две кофи полни со разна муниција, рачни бомби и минофрлачки гранати. При увидот на местото на настанот било утврдено дека станува збор за 19 гранати во калибар 40 милиметри во реденик, уште 12 такви гранати залепени со селотејп во картонска кутија, две рачни бомби од кинеско производство, една запалка за рачна бомба, десет куршуми во калибар 7.62 милиметри бојна муниција и 25 куршуми маневарска муниција во ист калибар, дознава „Дневник“.
Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу изјави дека во тек се истрагата и проверките за пронајденото оружје за што е известен јавниот обвинител, а јавноста ќе биде известена за деталите кога ќе има резултати од истрагата.
Она што е интересно е дека запленетите гранати се 40 милиметарски од типот „аркус и кастрио“ наменети за рачни ракетни фрлачи, како и за автоматски пушки на кои под цевката се додава додаток за испалување на гранатите.
800x600_bomba
Вечерта на 28 октомври 2014 година два проектила завршија во зградата на Владата, едниот во фасадата и на покривот од зградата. Подоцна беше утврдено дека станува збор за 40-милиметарски гранати. Претходно, на 7 август со две гранати од ист калибар беше погодена зградата на на Врховниот суд и Основниот суд Скопје 2, во предвечерието на големиот протест против судењето на обвинетите во „Монструм“.
Експерти за „Дневник“ тогаш велеа дека двата напада биле со ист тип фрлач, најверојатно хрватскиот рачен фрлач на гранати РБГ-6, модернизирана верзија на јужноафриканскиот фрлач користен во војните во поранешна Југославија. Станува збор за фрлач што работи на принцип на револвер, кој може да истрела шест гранати.
Гранатите може да се употребат за кој било вид оружје, но станува збор за гранати „аркус и кастрио“ од бугарски производител на оружје.
Прв пат од МВР неофицијално информираа за нив во мај 2015 година, откако се правеше првиот попис на запленетото оружје од терористите во Дива Населба. Форензичарите тогаш избројале осум вакви гранати во калибар 40 милиметри. Меѓу големиот арсенал на оружје имаше ракетни фрлачи од повеќе видови и калибри. Балистичарите не можат да потврдат дека токму тој тип фрлачи биле користени во нападите и оти групата разбиена во Kуманово ги користела за гранатирање на Владата, но калибарот на оружјето, односно на гранатите е ист.
На црниот пазар во земјава и во регионот најдостапен е хрватскиот РБГ-6, но и поновите верзии на „калашников“, од кои може да се испукаат овие гранати. Во зависност од оружјето што е користено, се шпекулира и за бројот на лицата што учествувале во нападот. Се претпоставува дека при нападот на Владата напаѓачите биле со автомобил и од близина на тврдината Kале испукале две гранати. Поверојатно е напаѓачот да користел РБГ-6 од кој испукал две гранати. Две гранати беа испукани и во 2007 година, но не ја погодија целта, најверојатно бидејќи биле испукани од поголема далечина. Тогаш беше утврдено дека станува збор за далечина од 400 метри. И во април 2015 година беше гранатирана Владата, но исто така од поголема далечина, па проектилите на ја погодија зградата, туку паднаа во дворот.

Домарот го пронашол оружјето во канти од поликолор

Kако што дознава „Дневник“ од извори во истрагата, оружјето било случајно пронајдено во една од зградите на улицата Вуковарска. Домарот на зградата ги чистел подрумите и во еден од нив пронашол две канти за поликолор во кои било оружјето и ја информирал полицијата. Инспектори дошле на местото и извршиле разговор со сопственикот на станот, за кој дознаваме дека е лице со хендикеп.

Истрагата ќе биде отежната, бидејќи според информациите до кои дојде „Дневник“, во станот се собирале многу луѓе, познајници на сопственикот, но и други лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top