| четврток, 6 декември 2018 |

Приведени девет лица за престрелката во Куманово

Надлежен јавен обвинител од кумановското Основно јавно обвинителство и увидни екипи од Министерството за внатрешни работи извршија увид на местото во Куманово каде што вчера попладнето се случи оружена престрелка меѓу две семејства, при што жовтот го загуби едно лице.
По наредба на јавен обвинител обезбедени се траги од местото, пронајденото ладно оружје и испуканите чаури. Претстои нивно вештачење кое ќе даде потребни податоци и докази за натамошниот тек на кривичната постапка. Издадена е и наредба за вршење обдукција на починатото лице, соопшти Јавното обвинителство.

Деветмина учесници во оружената престрелка се лишени од слобода. Постои сомнение дека во кривично правниот настан учествувале уште неколку лица. Во насока на утврдување на фактите во предметот, јавниот обвинител во континуитет презема дејствија. Од Јавното обвинителство наведуваат дека престрелката била ескалација на меѓусебните недоразбирања и повеќемесечно нетрпение меѓу две семејства. Нивните меѓусебни расправии, како и претходна тепачка со телесни повреди била веќе предмет на постапување на органите на прогонот.

– Синоќа околу 18:30 часот членови на едно од семејствата се движеле по улицата „Тоде Мендол“ во близина на маркетот „Арди“ во Куманово. Во тој момент биле пресретнати од членови на второто семејство по што започнала физичка пресметка меѓу нив. Во инцидентот било употребено огнено и ладно оружје, а како последица на тоа едно лице се здобило со животно-загрозувачки повреди и починало, а на друго лице му била нанесена убодна рана од нож, соопшти Обвинителството.​

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top