Германската Христијанско-демократска партија (ЦДУ) и нејзиниот баварски партнер ЦСУ официјално ја избраа Ангела Меркел за кандидат за иден канцелар на Германија. По дводневниот состанок во Минхен, на кој беа затворни сите отворени прашања меѓу двете сестрински партии, особено барањето на ЦСУ за горна граница од 200 илјади примени бегалци во текот на една година, германските конзервативци се согласија за заеднички кандидат, кој во септември во трката за канцелар треба да му се спротивстави на кандидатот на централнолевичарската СПД, Мартин Шулц.
-Постои едногласна поддршка од двете партии за кандидатурата на Меркел – ијзави денеска лидерот на ЦСУ и премиер на Баварија, Хорст Зехофер, кој во претходните 18 месеци беше еден од најжестоките критичари на политиката на отворени врати за бегалците поради тоа што неговата покраина Баварија беше прва на удар од бегалскиот бран од Сирија, Ирак и од северна Африка. Во екот на бегалската криза во 2015 година Зехофер се закани дека, иако се партнери во владата, ќе покрене тужба против Меркел и нејзината партија ЦДУ пред федерланиот Уставен суд.
На прес-конференција во Минхен, Меркел повторно го отфрли барањето на Зехофер за горна граница за прием на бегалци, но порача дека заедничка цел на двете партии е да не се повтори кризата во која над милион бегалци влегоа во земјата.
Според неа, ЦДУ и ЦСУ почнуваат да работат на заедничката изборна платформа за септемвриските избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.