По повод 145 годишнината од раѓањето на македонскиот идеолог и ревулуционер Гоце Делчев, во Прилеп по 15. пат се одржа семакедонскиот собир на Македонците кои живеат во соседните земји Албанија, Грција, Бугарија, Србија и Хрватска и во дијаспората. Собирот го организира Граѓанската иницијатива за национално, културно и духовно обединување на македонскиот народ „Нѐ има“.
Синоќа во градската библиотека „Борка Талески“ се одржа собир на тема: „Положбата на Македонците во соседните држави“, а денеска во хотелот „Атлас“ беше потпишана заедничка декларација на Македонците за признавање и почитување на нивните малцински права во државите во кои живеат.
Според Илија Богатиноски, претседател на граанската иницијатива „Нѐ има“, вообичаено земјите кои имаат малцинства донесуваат и потпишуваат акти и декларации за да дадат придонес нивните сонародници да ги имаат правата што им припаѓаат по меѓународните конвенции.
– И ние донесовме декларација која ја потпишаа претставниците на македонците кои живеат во Албанија, во Бугарија, Грција, во Хрватска, во Голо брдо, Косово. Во декларацијата има 9 точки, а меѓу другото сакаме да нагласиме дека македонскиот идентитет и ентитет се потврдени и неприкосновени, аргументирани и со содржајни сознанија- културни, историски, демографски, лингвистички, антрополошки. Тие не треба да бидат тема на никакво оспорување или негирање. Негирањето на македонскиот идентитет, нација, јазик, култура не се ништо друго, туку грубо кршење на основните права на Македонците, изјави Богатиноски.
Македонија, додаде, има високи стандарди во почитување на малцинските права и не бараме ништо друго, туку да се применуваат во соседните земји.
– Бараме Скопје и Тирана да потпишат билатерален договор за основните права на Македонците во Албанија и на Албанците во Македонија.Македонската влада треба да ги поддржува своите сограѓани надвор од земјава и само влезот во ЕУ под уставното име Република Македонија може да ги запечати сите аспирации на соседите и да обезбеди стабилност на Балканот, нагласи Богатиноски.
Нико Китани, претставник на македонското малцинство во државниот комитет во Албанија се надева дека декларацијата ќе го свти вниманието.
– Се надеваме дека декларацијата ќе помогне Македонците да ги остварат своите права како малцинство, зашто тие треба да ги има на целата територија на Албанија, а не како што се случува на мал простор во Мала Преспа, рече Китани.
Еден од потписниците на декларацијата е Јордан Костадинов од „ОМО Илинден“.
– Со децении е нашата битка за правата на Македонците кои сакаат да одат на училиште и да зборуваат на македонски. Се надевам дека декларацијата ќе го потисне национализмот на Балканот кој им прави лошо на сите народи, потенцира Костадинов.
Декларацијата ќе биде доставена до амбасадите во Македонија, до македонската влада и до меѓународните институции.
Утринава пред бистата на Гоце Делчев во кругот на прилепското основно училиште кое го носи неговото име учесниците на семакедонскиот собир положија свежи цвеќиња и се поклонија пред споменот на големиот македонски идеолог Гоце Делчев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.