Мултимедијална промоција на поетската книга „Црни дупки во нас“ од Марта Маркоска ќе се одржи денеска во „Јавна соба“ – Центар за дизајн и иновации.
Двојазичното, македонско-англиско, издание на книгата го објави Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“, како резултат на наградата „Тодор Чаловски“ (2015), признание од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми за млад автор од Македонија.
Наградата е основана во 2015 година и се доделува во знак на почит и сеќавање кон ликот и делото на Тодор Чаловски (1945 – 2015), кој се смета за еден од најистакнатите современи македонски писатели.
Академик Луан Старова за збирката „Црни дупки во нас“ вели дека таа повикува на повеќе исчитувања.
– Плени мудроста, знаењето и потребата да се раситнат нештата до кристална и искрена едноставност и да се стават во функциja на големите прашања на егзистенцијата и на хармонијата помеѓу противреалностите, за да се достигне полнотијата на љубовта и недефинитивноста на смртта. Посебно ме плени потрагата по рамнотежата во хаосот на егзистенцијата и опкружувањто, односно борбата помеѓу виталните сили на опстанокот и наметнатите историски сили, вели академик Старова.
За професор Иван Џепаровски, оваа поетска книга е, едновремено, и суптилно поетско понирање во „црните дупки во нас“ – кои секој искрен читател ги пронаоѓа, не само во поезијата на Марта Маркоска, туку и длабоко во себеси.
– Солено-слатките поетски парчиња со кои Марта Маркоска нè нагости давајќи ни ја на увид сопствената поетска слика на солено-слаткиот универзум на љубовта, е повеќе од успешен поетски водич низ сопствената галаксија на поезијата, вели Џепаровски.
Марта Маркоска досега има објавено осум авторски книги меѓу кои „Стрмоглаво кон височините“ (второ издание, 2013), „Стрмоглаво кон височините“ (прво издание, 2012) и „Сите притоки се слеваат во моето корито“ (поезија, „Темплум“, Скопје, 2009). Книгата раскази „Вител во Витлеем“ (2010), книги есеи и студии: „Култура и меморија“ (2014), „Расправа за Зен будизмот: религиско-филозофски трансценденции помеѓу источната и западната мисла“ (2013), и „Хипер хипотези“ (2011).
Книгата „Црни дупки во нас“ беше презентирана и промовирана во рамки на 22-та Галичка книжевна колонија, а есенва беше претставена и на поетски фестивали во Романија, Бугарија и Турција. Книгата е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија од програмата за финансирање проекти од национален интерес од областа на литературата и издавачката дејност за 2016 година како и од Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.