| четврток, 6 декември 2018 |

И Ахмети сака да биде мандатар

ahmeti ali

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да биде мандатарот реформатор, кој ќе обезбеди широко мнозинство за спроведување на реформите и излез на земјата од политичката криза. Ова се размислувањата во ДУИ, кои повторно го враќаат во игра Ахмети за мандатар откако партијата реши да не донесе одлука за коалиција со мандатарот Никола Груевски и особено по ставот на ЕУ претседателот на државата Ѓорге Иванов да определи лидер за формирање поширока влада, пишува „Дневник“.

Размислувањата во ДУИ се дека Ахмети може да биде мандатарот што може да обезбеди пошироко владино мнозинство, иако со резерва дека тоа би била влада во која би партиципирале двете македонски партии. Но, според размислувањата во ДУИ, ова би било во игра само доколку се оди на опцијата за широка владина коалиција. Од партијата се децидни дека остануваат на ставот дека не преферираат ниту една од партиите и дека на маса се петте опции – влада со ВМРО-ДПМНЕ, влада со СДСМ, широка коалиција, ДУИ во опозиција и нови избори. Од ДУИ додаваат дека за идните чекори во партијата се чека на одлуката на Иванов кому ќе го даде мандатот.

– Доколку се оди на опцијата за широка влада, тогаш зошто Ахмети да не биде мандатарот реформатор. Ахмети може да обезбеди поширока поддршка од партиите, односно владата да ја сочинуваат повеќе партии. Таа влада би имала строго определена агенда за спроведување на реформите, целосно спроведување на Рамковниот договор и агендата на НАТО и на ЕУ, како и определен рок на дејствување – коментираат во ДУИ.

ДУИ неодамна лиферува информација дека доколку Груевски и Заев не успеат да обезбедат мнозинство за формирање влада, шефот на државата ќе треба мандатот да му го додели на Ахмети, иако лидерот изјави дека не се гледа во премиерското столче.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top