Само политички лаик деновиве може да помисли дека формирањето нова влада може да ја врати рамнотежата во политиката, бизнисот и во животот која со помали потреси Македонија ја живееше до ноември 2010 година кога практично почна последната од многуте македонски политички кризи. Шансите по изборите и мандатот што го доби ВМРО-ДПМНЕ за да формира влада што ќе ја однесе земјата во мирни води се минимални, речиси никакви. Преседаните во начинот на кој функционираа политичките партии во последните шест години поставија урнек како ќе се однесуваат и во иднина опозицијата и власта без разлика на нивната моментална ситуација, анализира Република во последниот број на неделникот.
Влада ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ
Доколку двете најголеми партии во македонскиот и во албанскиот етнички блок останат на договорот од мај 2007 година и продолжат да ја водат државата, дури и со двајцата пратеници на ДПА, кои би можеле да ја зајакнат парламентарната опозиција, не можат да се надеваат на мирно политичко море.
Од една страна, за очекување е дека опозицијата окуражена од зголемениот број гласови освоени на парламентарните избори ќе продолжи со блокадата на институциите и на активностите на владата, а, од друга страна, пред сѐ, ДУИ ќе има сериозен проблем да се фокусира на владините приоритети. Радикализираното албанско гласачко тело, на кое Заев им ги отвори очите, нема да му дозволи на Ахмети да продолжи по старо. Лидерот на ДУИ ќе мора постојано да им докажува на Албанците дека тој е поголем папа од папата, односно дека е поголем Албанец од Заев, и со цел да покаже дека навистина се бори за албанската кауза во недоглед ќе измислува нови барања дури и кога знае дека тие се нереални.
Радикализацијата кај ДУИ е уште попотребна и поради локалните избори што треба да се случат оваа пролет, а на кои кандидатите на Ахмети ќе се соочат со заеднички фронт на сите останати албански партии кои заеднички ќе се обидат да победат во Тетово, Гостивар, Дебар и во другите општини каде што Албанците се мнозинска заедница, вклучително и во Струга и во Кичево кои во 2005 година СДСМ со територијалната поделба ги претвори од доминантно македонски градски општини во претежно албански рурални општини.
Кога веќе лидерот на СДСМ ја начна темата за федерализација и кантонизација и кога најави двојазичност на територијата на цела земја, логично е Ахмети да ги прифати, а потоа и да ги доработи овие прашања со цел да ги врати своите потенцијални 70 илјади гласачи што ги загуби на 11 декември. Во такви услови, соочени со нови и нереални барања, за партнерите од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде исклучително тешко да продолжат со своите приоритети затоа што објективно и тие ќе имаат проблем да ги објаснат барањата на ДУИ пред своите 450 илјади гласачи.
Речиси е извесно дека оваа ситуација ќе донесе постојани препукувања меѓу владините партнери кои нема да ѝ донесат ништо добро ниту на ДУИ, ниту на ВМРО–ДПМНЕ, ниту на Македонија. Единствената добра работа што може да се случи е оваа влада да создаде услови за нови предвремени избори по кои полесно ќе може да се формира стабилна влада.
Иако СДСМ во следните месеци, со оглед на промените кај дел од нивните најсилни поддржувачи, ќе ја нема досегашната поддршка, јасно е дека ќе има сили повторно со протести и со насилство да се обиде да ја урне владата во која нема да биде составен дел.
Целата анализа „Кризата без крај, афтершоковите нема да запрат“ можете да ја прочитате тука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.