Изложбата „Икони на модерната уметност: Шчукинова збирка“ во фондацијата „Луј Витон“ во Париз, на која првпат надвор од Русија е прикажана една од најголемите приватни колекции на светот, толку многу е популарна што нејзиното траење е продолжено за уште две недели, а работното време на галеријата во одделни денови е продолжено од седум наутро до еден час по полноќ.
Изложбата беше отворена на 22 октомври минатата година и требаше да трае до 20 февруари, но организаторите решија да ја продолжат до 5 март затоа што интересот бил голем. Биле продадени 60 илјади влезници за првите десет недели, а многу посетители дошле од Русија за да ги видат ремек-делата
Во фондацијата „Луј Витон“ се изложени 130 ремек-дела на уметници импресионисти, постимперсионисти и од модерната уметност, кои се дел од приватната колекција на Сергеј Шчукин која оригинално брои 250 дела и денес е распоредена меѓу музејот на Пушкин во Москва и Ермитраж во Санкт Петербург. Некои од делата сега првпат ја напуштија Русија и западниот свет потрча да им се восхитува од близу.
Париската галерија, за жал, е скромна со простор и за да ги прими сите заинтересирани и го продолжи работното време до 23 часот шест дена во неделата, а во последната седмица од изложбата ќе биде отворена секој ден од седум часот наутро до еден часот по полноќ. Ова е моментно најпосетувана изложба во светот, со оглед на тоа дека во центарот Помпиду во Париз е во тек втората најпосетувана изложба, посветена на Рене Маргит.
Спектакуларната приватна галерија, која ја дизајнирал познатиот архитект Френк Гери, е во сопственост на најбогатиот Француз, Бернар Арноа, претседател на конгломератот „ЛВМХ“ (Louis Vuitton Moët Hennessѕy) кој се занимава со производство на дизајнерска облека, шампањ и коњак.
Меѓу експонатите има 29 дела на Пабло Пикасо, 22 на Анри Матис, 12 на Пол Гоген и други извонредни дела од опусите на Сезан, Дега, Русо и на Ван Гог. Освен тоа, на изложбата има и 30 значајни дела од руската авангарда, како тие на Казимир Маљевич, Владимир Татлин и Наталија Гончарова.
Сергеј Шчукин (1854 – 1936) бил исклучително богат трговец со текстил, кој купувал слики на своите патувања во Париз. Меѓу 1898 и 1914 година направил извонредна колекција на најрадикалните имиња на француската уметност во тоа време. Тој во 1908 година во својот стан во Москва отворил лична галерија за љубителите на уметноста, критичарите и за студентите, и со тоа стекнал директна улога во обликувањето на руската авангардна сцена. Меѓу експонатите на колекцијата на Шчукин биле изложени и дела на претставниците на руската авангарда.
Шчукин бил особено близок со Клод Моне и со Анри Матис, кој во 1911 година го донел во Москва за да му го украси станот. Тој од Матис нарачал две слики кои и денес се сметаат за најзначајни во опусот на Матис – „Танц“ и „Музика“, кои добиле централно место на изложбата во Париз. Тие негови пријателства влијаеле на формирањето на вкусот на Шчукин и создавањето на една од најрадикалните уметнички збирки во тоа време.
„Појадок на трева“ на Клод Моне (1866) е првата слика што ја купил Шчукин, а колажот на Пикасо „Тањир со овошје“ (1914) е најмладото дело во неговата колекција.
Кога Шчукин се преселил за постојано во Париз, не го задржал статусот на пионер во поддржувањето на модерната уметност која ја уживал во Русија. Стар и уморен, имал 67 години кога се преселил во Франција, ги прекинал сите свои поранешни деловно-пријателски врски со уметничкиот свет и живеел повлечено. Починал во 1936 година.
Ирина Антонова, директорка на Музејот на Пушкин, за Шчукин еднаш изјавила:
- Почна да ја собира непопуларната уметност која „Лувр“ и другите музеи ја отфрлија. Тоа беше одраз на неговиот личен вкус. Можеби почувствувал благи сеизмички промени кои претходеле на земјотресот што ќе го промени светот. Таков колекционер можел да се појави само во земја во која се подготвувала револуција. Тој собираше уметност која ја навести светската катаклизма.
Во првата половина на 20 век колекцијата на Шчукин имала речиси легендарен статус во Европа поради физичката оддалеченост и ретките илустрирани публикации, како и гласините за енормното богатство на мецената. Се зборувало дека сликите заминувале од Франција за Русија уште додека бојата не им била исушена.
Меѓутоа, болшевичка Русија не му била наклонета на Шчукин. Ленин уште во 1918 година ја национализирал неговата колекција и кога Шчукин избегал во Париз во 1922 година, таа станала јадро на вистински музеј на модерната уметност во Москва.
Од 1930 година збирката била систематски обезвреднувана. Сталин во 1948 година издал декрет со кој таа била поделена меѓу Музејот на Пушик во Москва и Ермитраж во Санкт Петербург, но истовремено било забрането нејзиното изложување во јавност. Дури по смртта на Сталин, при крајот на 50-тите години на минатиот век, кога се смениле односите на Русија со светот, западната модерна уметност повторно била прифатена во Русија.
Делата на француските уметници од збирката на Шчукин полека биле „ексхумирани“, а Пикасо, кој се приклучил на Комунистичката партија во есента 1944 година, одиграл активна улога во посредништвото во тој период, кога и неговите дела повторно биле откриени.
Колекцијата, која речиси половина век била маргинализирана поради идеолошки причини, денес генерално малку е позната кај публиката на Западот. Откога е растурена од 1948 година, никогаш не била изложена како кохерентна целина. Сѐ досега.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.