| четврток, 6 декември 2018 |

ЕП повоторно препорачува почеток на преговори за Македонија

Европскиот парламент уште еднаш јасно побара од Советот на Европската унија да и додели без одлагање, датум за почеток на преговорите на Република Македонија во јуни годинава. За резолуцијата предложена од британецот Ричард Ховит, гласаа 505 европратреници, 61 беа против и 31 воздржани, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Имено, ЕП го повикува Ирското претседателство со Советот на ЕУ да спроведе интензивна дипломатија за да се постигне задоволувачки исход и одлука за почеток на преговори со Република Македонија пред крајот на јуни 2013 година.

Европратениците веруваат дека почетокот на преговорите може да ја „промени играта“ со обезбедување позитивен импулс и ефикасен инструмент за понатамошни реформи, подобрување на внатрешната ситуација, олеснување на меѓуетничкиот дијалог и промовирање на поволни односи со соседите.

Дијалогот на високо ниво, кој е важен инструмент за пробив на застојот и воведување на нова динамика во процесот на пристапување, според европратениците не смее да е замена за преговорите за членство.

Добрососедските односи, на кои многу инсистрираа бугарските и грчките европратеници, според предложениот текст се „суштинските столбови во процесот на пристапување во ЕУ“.

Во резолуцијата, по барање на бугарските европратеници се најдоа и лицата со бугарски идентитет, во однос на барањата  и охрабрувањето на мерките за историско помирување меѓу етничките групи, како и обидите за воспоставување на заеднички експертски комитети за историјата и образованието меѓу Македонија и Бугарија.

Политичките групи, со посредништво на известувачот Ричард Ховит, постигнаа договор во резолуцијата да се користи само еднаш терминот „Македонци” и референцата „Поранешна Југословенска Република Македонија”, за да не се помисли дека ЕП има еднострана позиција во спорот за името.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top