
Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)
На 19 април (2013 г.) од космодромот „Бајконур“ во Казахстан беше лансирана ракета со малку понеобичен екипаж од оној на кој сме навикнале во годините, гледајќи ги Стартрек и сличните, имено, поставата на овој брод беше сочинета од гуштери, глувци, гербили (еден вид пустински глувци), риби и други суштества заради експериментални цели.
Капсулата безбедно слета назад на земјата на 19 мај, еден месец подоцна, во рускиот регион Оренбург и се смета за една од најдолгите астронаутски мисии со учество на животни. Оваа мисија „Бион 1“ е најдолготрајната од овој вид и научниците планирале да ги евтаназираат животните по нивното враќање назад на планетата. Меѓутоа, за такво нешто немало потреба бидејќи поголемиот дел од животните самите си пресудиле уште во текот на експериментот – повеќето од половината од 45 глувци умреле за време на летот, заедно со осумте монголски гербили и речиси сите останати, но затоа, пак, сите 15 рептили биле приземјени во добра здравствена состојба, според извештајот на новинските агенции.
Капсулата поминала 30 дена орбитирајќи 575 километри над земјата за да се испита какво дејство имаат патувањата во космосот врз живите „нешта“ (how space travel affects living things)! Проектот е воден од страна на Руската федерална вселенска агенција, но со меѓународен тим научници, и е прва од ваков тип по 1996 г. кога за последен пат биле испратени и тоа на 15 дена, кога во екипата освен водоземци имало и мајмуни.
Една од главните цели на овој експеримент е да се види како микрогравитацијата и радијацијата ќе влијаат врз подвижноста на спермата кај глувците, односно дали на крајот на краиштата луѓето би можеле да го прават ТОА во вселената – дали од вселенски секс ќе можат да се раѓаат нормални и здрави човечки суштества и колку новиот или поинаков начин на зачнување (без гравитационото поле на Земјата) би предизвикал промена во записот на старата ДНК на човекот, односно мутација на генот и на расата.
Исто така, се истражуваат можностите за тоа дали, со оглед дека инкубацијата на човечкиот ембрион трае девет месеци, при долготрајните интерпланетарни мисии, би можеле да се раѓаат луѓе во вселената и како тоа би…
Читајќи го овој извештај на вселенската агенција, неодоливо се наметнува една аналогија со веќе постојната ситуација на нашава матична планета – со оглед на тоа дека околу потеклото на човечкиот вид се кршат многу копја – едни тврдат дека човекот паднал од Марс, други од Венера, трети велат дека човекот е создаден од кал, други од ѕвездена прав, едни го воздигнуваат човекот до небото, други го израмнуваат со вирус или бактерија – има толкаво изобилство на теории за потеклото, што е невозможно да се набројат сите наеднаш и на едно место. Со други зборови – дали сето тоа и сите ние сме дел од некаков глобален експеримент? Во секој случај, заднината и тоа како мириса на некаков скришен лабораториски подрум, од кој повремено се искрадува по малку сулфур преку површинските гејзири, а на обичните смртници не им останува друго освен да чепкаат низ големата база податоци во потрага по вистината за тоа зошто се чуваат во голема тајност експерименти од типот на Хигсовиот Бозон, и слични проекти на НАСА…
Или да речеме, како може врз основа на однесувањето на глувчешка сперма да се донесува заклучок што ќе важи за човечко суштество? Можеби човекот, едноставно заситен од сите аспекти на еден обичен земски интеркурс, прибегнува кон копање дупки на Марс, во потрага по нова почва за своето семе?
Тоа што неодамна го направи Кјуриосити на оваа таканаречена „машка“ планета, со цел да се провери внатрешноста или да се испита длабочината на непознатата ѕвезда вклучително нејзината стратосфера, повторно ја загатнува старата добро позната тема за тоа дали американското знаме што беше забодено на површината на Месечината пред само неколку децении беше голем чекор за човештвото или само уште едно ремек-дело на Кјубрик, кој мајсторски го инсценирал целиот настан за да се камуфлира инхибирачкиот и здодевен синдром на човечката импотенција по дома?
Наводно, биле земени примероци од камења, кои покажале дека на ова тло во минатото имало некаква микробиологија, т.е. живот. Неодолива асоцијација на „Доказ за живот“ , забавен трилер со Расел Кроу и Мег Рајан, иако темата во филмот нема врска со актуелниов space oddity….
„Кјуриосити на Марс, 280 дена го истражува кратерот Гејл во екваторијалниот појас на планетата. Поголемиот дел од времето истражува мала надолница наречена Јелоунајф беј, која се наоѓа на 500 метри оддалеченост од местото каде што слета возилото во август минатата година. Возилото со големина на автомобил, со кое управува компјутерска програма, полека се движи кон подножјето на планината Еолис Монс, каде што треба да стаса за неколку месеци…“ Небаре некој врши сателитски пренос за невозможната мисија на автобуската линија брoj 20 во улицата наречена „Дупка до дупка“ во Топаанско Поле. Во Скопје.
Ноевата барка? Ѕвони?
Да не се лажеме, ако во онаа паника пред најавеното торнадо (по радиус далеку помоќно од ова последното во Оклахома), Ное по грешка натоварил на бродот и што треба и што не треба, денешнава наука, што со тајни експерименти, што со масовни вакцинации и бизарни епидемии, бавно, но сигурно го остварува својот зацртан план за „природна“ селекција чистејќи го бродот од патници кои не секогаш и не по правило се слепи.
И додека во познатата денди изрека љубопитноста ја убива мачката, во нашава весела животинска фарма по вселенските беспаќа, Кјуриосити тамани глувци од секаков вид – било да се пустински, урбани, канализациски или селско-планински, оставајќи ѝ време на мачката да си ги одживее своите девет шанси и барем во една од нив да блесне во својата исконска прокреативност.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


