
Колумнист:
Адрапо Спараи
Тероризмот, велат, бил болеста на нашето време. И тој навистина е една тешка болест што многу тешко се искоренува. Можеби тој и не може до крај да се уништи, како вирусите, но секое порационално општество се обидува барем да го минимизира, ако не може да го превенира.
Современиот тероризам ѝ пречи на страшната комплексност на системите во кои живееме и во кои сме целосно имплементирани како конформистички битија. Денес укинувањето на погодностите со кои живееме е неможно и така кругот се затвора. Вирусот на тероризмот успева вешто да се скрие во сложениот лавиринт во кој сме заробени и ние самите.
Згора на тоа, како што гледаме од искуството кое во голема мера веќе е етаблирано, тероризмот никогаш не е манифестација на група или групи романтични фанатици понесени од некаква идеја за праведни решенија на многубројните политичко-економски проблеми, тој е во конспиративна спрега со одредени центри на моќ или, подобро кажано, во врска со тајните служби кои здушно го потпомагаат и со парични средства и со логистика.
Во ова можеме да се увериме доколку само се потсетиме на збиднувањата од 2001 година кои се случуваа тука, на нашиов терен и беа еклатантни примери за овие непринципиелни врски меѓу рушителите на поредокот и оние сили чии гласноговорници непрестано ламентираат за мир, почитување и дијалог.
Но, едно е лицето, а друго наличјето на таканаречените големи политики. Од една страна тие официјални лица со хуманистичка и конструктивна реторика зборуваат за скапоценоста и светоста на човечките животи, а, од друга страна, нивните тајни соработници веќе коваат нови планови за дестабилизација на непогодните поредоци на разните региони од интерес, а воедно тие исти планови се токму дизајнирани за одземање на човечките животи.
Примерот со Смилковско Езеро е токму тоа за што говориме тука. Но, овој пример е само еден мал сегмент од она што се одвива во светот. Пред некоја година бевме сведоци на крупни примери на хипокризијата на големите сили од западниот блок (атлантистите) кога почна таканаречената Арапска пролет. Во оваа масовна акција на тајните служби на одредени центри на моќ во корелација со меѓународните терористички организации беа урнати режимите на три значајни држави во северна Африка. Тоа беа Египет, Тунис и Либија, а денес, еве, сѐ уште се водат исти такви акции за уривањето на режимот на Башар ал Асад во Сирија.
Војната никогаш не престанува, таа е дел од човечкото битие и е длабоко вкоренета во карактерот на општествата онакви какви ги знаеме уште од најстарите преданија. Да се доминира и да се има контрола над луѓето, државите и ресурсите никогаш не престанало да постои како еден вид активна волја на сите оние што изградиле моќни системи желни за експанзија. Бадијала искуството полно со трагичност, залудни се сите мудрости на овој свет, војната која во суштина е секогаш мотивирана од криминалните концепции никако да престане. И оваа состојба ќе трае до судниот ден.
Во овој контекст тероризмот му доаѓа како авангарда на војната или на одреден поширок судир кој има цел да создаде реконфигурација на позициите и контрола на извесни значајни точки на доминантност на спротивставените страни. Секако дека за вакви собитија се потребни најмалку двајца актери, исто како и во љубовта, така и во омразата.
Но, светот во кој живееме станува мултиполарен, а со тоа и состојбите на теренот се компликуваат. Затоа честопати трагите на едно терористичко злодело на најнеочекуван начин низ нивното суперсложено и затскриено меандрирање може да дојдат и до системот кој, всушност, и бил цел на нападот. Како во случајот на терористичките напади на светскиот трговски центар во Њујорк и оној врз Пентагон во Вашингтон Д.Ц.
Сѐ уште се кршат копјата околу мотивот и нарачателот, но мноштвото докази кои полека и по толку време испливуваат на површина, укажуваат дека токму нападнатиот поредок е воедно и организатор на овој злостор без преседан во посовремената историја. Да се предизвика страв, чувство на загрозеност и конечно стравотен одиум кон посочените извршители преку медиумските системи кај граѓанството. Да се создаде клима на гнев кај повеќето жители на нападнатата држава, да се создаде поволна клима за одмазда низ нова војна кај јавното мнение. Зошто да не, тоа е прв предуслов за поведување војна против промовираните непријателски режими и на тој начин остварување стратешки цели во контекст на долгорочните експанзионистички цели на одредени центри на моќ, без оглед дали се тие јавни или тајни.
Вакви примери има многу. Еден од нив допира и до предворјето на Втората светска војна кога нацистите од Третиот Рајх, според планот на Херман Геринг, го запалија Рајхстагот, а за овој терористички акт ги обвинија комунистите. Целта беше по брза постапка и со солидна мотивација да се збрише од германската политичка сцена најсериозниот конкурент во борбата за власт. А, и Фирерот ја мразеше парламентарната демократија иако дојде на власт токму на непосредни парламентарни избори, за разлика од своите идеолошки ривали – комунистите (болшевиците) во Русија. Но, светот е полн со контрадикторности, а правдата тешко се согледува од овој хаос на тези и антитези.
Затоа тероризмот цвета, токму поради огромниот степен на моралната ентропија во современото глобално општество. Тој понекогаш ќе се притаи, ќе хибернира во привидно непостоење, но штом се појави конфликт на интереси на глобалните играчи, тој ќе оживее и ќе го почне својот данс макабр.
*(Колумните на Адрапо Спараи ќе бидат објавувани секој петок)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


