| четврток, 6 декември 2018 |

Тинејџерскиот мегахит „Лавиринтот: Невозможно бегство“ објавен на македонски јазик

Vо издание на „Антолог“ iзлезе во печат романот „Лавиринтот: Невозможно бегство“, првиот дел од мегапопуларната серија „Лавиринтот“ од американскиот писател Џејмс Дашнер, кој го освои светот, и како книга и како филмско остварување. Преводот на македонски е на Наташа Спирова-Серафимова. Наскоро ќе бидат објавени и другите делови од овој бестселер на „Њујорк тајмс“.

unnamed

Томас се буди во мрачен лифт. Паметењето му е избришано. Се сеќава само на своето име. Кога вратите се отвораат, го заслепува светлина и открива дека е опкружен со група момчиња, кои, исто така, не се сеќаваат кои се, ниту како стигнале таму. Зад високите камења околу таканаречената Ледина се простира Лавиринтот, кој постојано се менува. Тоа е единствениот излез оттаму, но никој досега не го минал жив. Но сè ќе се промени. Одеднаш, пристигнува една девојка. Првата девојка што некогаш стапнала на Ледината. Девојка со застрашувачка порака.

Футуристичката антиутопија „Лавиринтот: Невозможно бегство“ е прва книга од серијата на Дашнер, сметана за современа класика, по која е снимен и истоимениот филм од 2014 година. Оваа непредвидлива книга е идеален избор за љубителите на научнофантастичните книги, во кои дејствата брзо се развиваат, а настаните се исполнети со многу мистерија и исчекувања и кои без сомнение го задржуваат вниманието до самиот крај. Обожавателите ја опишуваат како комбинација од „Господарот на мувите“, „Игри на гладните“ и „Загубени“.

„Антолог“ има изненадување за сите што се нетрпеливи што побрзо да го прочитаат овој генијален роман за млади. Сите тие што ќе решат еден од двата лавиринта и ќе го испратат решението на некој од профилите на издавачката куќа на друштвените мрежи – ќе добијат 15 проценти или 25 проценти попуст за книгата. Понудата важи само во Книжевниот центар „Антолог“ на ул. „Ѓорѓи Пулевски“ бр. 29 лок. 1.

Џејмс Дашнер (1972) е роден и пораснал во Џорџија, САД, но сега живее на Карпестите Планини. Студирал сметководство, но по дипломирањето почнал да пишува. Најпознато и најпродавано дело му е серијата „Лавиринтот“, а автор е и на „Сагата за Џими Финчер“, „Тринаесеттата реалност“, „Доктрина за смртност“.Оженет е и има четири деца.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top