
Ацо Станковски
Минатите вонредни парламентарни избори беа вистинска битка. Битка помеѓу силите на доброто и силите на злото. Кој како сака нека ги перципира, но вистината е неуништива. Фактите се само еден од механизмите за верификација на некое собитие. А, пред нас се истури вистинска лавина од силни индиции и мноштво беспоговорни, флагрантни манифестации на криминални интенции. И тоа од онаа вечно незадоволна страна, онаа неспособна политичка провиниенција, која во овие 25 години независност не покажа способност за водење конструктивна политика, редовно продавајќи ги националните интереси, а, пак, за економијата и да не говориме, нивните зафати на овој план повеќе личеа на криминални черечења на сето она што остана од македонското стопанство, а стотици илјади работници останаа без работа за да акаат по улиците како оние несреќници од времето на Вајмарската Република во периодот на експресионизмот, пред доаѓањето на Адолф Хитлер на власт во Германија.
И сега овие, „шарени“, во најконкретна идеолошка смисла, значи, без каква било општествено-политичка визија, сакаат повторно да завладеат со Македонија.
Повторно ли да продадат некој национален интерес, менување на Уставот, кој и онака го отфрлија како леток што го рекламира локалниот супермаркет. Македонската држава да се внесе одново во делба, овој пат „албанските“ простори да се отцепат од она што остана од нашата земја, она што со огромни жртви го сочувавме како животен простор на македонскиот народ и сите други народи што живеат тука. Но, еве, и тоа нека не е најстрашното, она што во овие неразумни и хазардерски процеси би се случило е нова војна, која во својата ескалирачка спирала ќе донесе нови жртви. Кој потоа ќе се соочува со оваа стварност? Кој ќе може да го проголта сето тоа после сѐ, по толку ужасни трауми, што сите овие народи ги имаат поминато во лудото себељубие и анимозитети.
Економската им програма беше – baloney. Ветувања како од цртани филмови, во кои се нудат розови перспективи без покритие. И кој, воопшто, би се фатил на вака наивно спакувани „подароци“, но кога дел од народот го перципирате како „стока“, тогаш зошто да не заиграте на овој адут?
И тие заиграа. Ќарот не беше мал. Да намалите разлика од 200 илјади гласови на 20 илјади за само две години во земја во која гласаат обично од милион до милион и двесте илјади луѓе е огромен скок, кој ретко кој политичко-општествен аналитичар може да го објасни. Веројатно дека онаа дефиниција за дел од народот на господинот Пендаровски (дека е стока) вреди студиозно да се проучи. Од чисто стратегиски причини.
Инаку, овој поим „стока“ упатува на групација политички и идеолошки неписмени граѓани, кои, сепак, партиципираат во политичкиот систем како лукративни гласачи.
Овие избирачи од интерес го даваат својот глас за одреден надомест, понекогаш за пари, понекогаш за други материјални вредности. Мизеријата е нивното вечно алиби. Социјалните програми не ги задоволуваат. Вечно се озлобени и негативни. Сиромаштијата им го уништува моралот…
Оваа категорија луѓе беше една од целните групи за обработка. Она што останува нејасно е колку гласови се купени, по која цена и колкави се трошоците за оваа навистина респектабилна операција на теренот?
Претпоставувам дека пенетрацијата во досиејата на Министерството за труд и социјална политика во голема мера им ја олеснило работата на активистите. Имајќи ги адресите на примателите на социјална помош, лесно можеле да отидат токму кај оние, на кои парите постојано им требаат, а пари за гласање се секогаш лесно заработени и добредојдени.
И кога еднаш ќе ја ставите таа антрополошка стока во својот систем, тогаш лесно можете да предизвикате политичко стампедо. Вистинско изборно стампедо со референдумски одѕив.
И сето тоа обилно потпомогнато со оној дел од полицијата, кој му служи на сурогат-министерот по партиска линија. Каква демонстрација на департизирање на државата. Како за учебник.
Значи, чадорот не губел време, ниту, пак, штедел пари. Ах, каков крт, додека сите спијат, тој копа ли копа. Рие по септичките јами на изгубените револуционерни илузии на граѓаните на Републиката, која сака по секоја цена да ја потпали. Та, зар не сме на линијата на огнот, што рече Џон Кери, неговиот архишеф?
Но, Хилари загуби од Трамп. Каква несреќа! Та, зар сега, кога светот им беше на дланка?
„Да не се во прашање сите оние клетви кои фрштеа од локалните вештерки и шамани додека им ја рушев државата?“, се прашува изморениот и очаен чадор во заминување.
„Аloha!“
Можеби го чека комисија за проверка на неговата исправност во работата во Стејт департментот по 20 јануари?
Знаеме, а и тие знаат дека работел за интересот на владата, но неговата влада не работела за интересот на нејзините граѓани. И затоа ќе плати, а и тој со неа. И, толку за чадорот.
Но, да се вратиме на големата битка, најголемата политичка битка која се случила во независна Република Македонија. Меч на силни општествени енергии, кој заврши со 51:49, резултат што личи на спортски.
Во кошарката овој резултат би бил релативно низок, што или говори за аматерската лига или, пак, за тешка рововска битка на двете силни одбрани.
Во ракометот овој резултат би бил висок. Тимовите воделе жестока битка пред головите со голема ефикасност. Во епска борба победува подобриот благодарејќи на неговата силна волја и за нијанса подобрата кондиција. Можеби, среќа? Но, тоа веќе е Божја волја и неа ни светиот Социјалдемократски сојуз на Сорос не може да ѝ се спротивстави.
Сепак, оваа стравотна битка најмногу потсетува на бокс. Во овој стравотен судир доаѓа до невидена егзалтација на карактерите на борците. Едниот боксер се служи со сите средства, удира под појас, судиите му се наклонети (потплатени) и прави сѐ за да победи. Вториот, пак, се држи до сите спортски, етички принципи и единствено на што може да се потпре е неговата техника и издржливост.
И, конечно, по 15 истоштувачки рунди, едниот борец паѓа, нокаутиран на подот.
Тоа е нокаутот во Теарце. Место што сега доби историско значење. Но, не само поради завршувањето на мечот, туку, пред сѐ, поради евидентната интенција за постизборен инженеринг. Амбиент, кој ги означи овие предвремени парламентарни избори.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


