АД ЕЛЕМ смета дека ХЕЦ Бошков Мост е значаен енергетски проект, бидејќи ќе придонесе за зголемување на домашното производство на електрична енергија и ќе го збогати портфолиото на обновливи извори во Република Македонија.
Во рамки на развојните активности на проектот, наведе во денешното соопштение ЕЛЕМ, изготвена е целосна документација во однос на заштитата на животна средина согласно законите на Република Македонија, политиките на ЕУ во врска со заштита на животна средина, како и политиките за заштита на животна средина на ЕБОР.
-Во склоп на студијата за оценка на влијание врз животната средина (СОВЖС) направена е анализа на влијанието врз животната средина и биолошката разновидност, вклучувајќи ги големите цицачи, а со тоа и Балканскиот рис. Врз основа на тие анализи се предвидени мерки за избегнување или намалување на влијанијата од изградба и работа на хидроенергетскиот систем врз биолошката разновидност- велат од АД ЕЛЕМ.
Потенцираат дека АД ЕЛЕМ како општествено одговорна компанија ја одложи реализацијата на проектот во согласност со препораките на Бернската Конвенција.
-Од досегашните сознанија во врска со отворениот случај во Бернската конвенција, проектот Бошков Мост нема да има влијание врз популацијата на Балканскиот рис. Напротив, мерките за намалување на влијанието на проектот кои се предвидени во целокупната документација за заштита на животната средина и биолошката разновидност вклучуваат активности кои се во насока на зачувување и подобрување на статусот на Балкансиот рис- велат од АД ЕЛЕМ.
Во досегашниот степен на реализација на развојните активности за проектот ХЕЦ Бошков Мост, потенцираат, АД ЕЛЕМ немаше потреба од повлекување на средства од кредитната линија на ЕБОР.
-По завршувањето на 5годишниот период на важноста на договорот за кредитирање на проектот, неговото обновување ќе значеше зголемени финансиски импликации поврзани со одржувањето на кредитната линија. АД ЕЛЕМ продолжува со проектнотехничките активности за проектот „Бошков Мост“ во согласност со своите развојни политики, што ќе придонесе за изготвување платформа за креирање на понатамошни инвестициски одлуки- посочуваат од АД ЕЛЕМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.