| четврток, 6 декември 2018 |

Де Варгас се чуди: Со Борко во составот на сите репрезентации ќе ни беше потешко

de vargas

По победата над Ангола, шпанската ракометна репрезентација и математички го обезбеди осминафиналето, а со тоа и грижите се помали во завршните две кола. Во разговорот со голманот на „црвената фурија“ Гонзало дознавме дека кај Шпанците има изненадување што Борко Ристовски не е меѓу стативите.

– На првите два натпревари македонските голмани беа одлични, но генерално сум изненаден што не е Борко во тимот, дефинитивно со него меѓу стативите на сите ривали ќе им беше потешко – смета голманот на Барса.

Подоцна Гонзало се осврна на мечот со Македонија в среда и карактеристиките на нашите ракометари.

– Мислам дека играта седум на шест е новината која ја краси македонската репрезентација на ова првенство. Ризично е да се игра така, но мислам дека со човек повеќе во поле на одбраните не им е лесно да бранат. Секако дека Кире Лазаров и неговите голови се најголема опасност по нас. Мислам дека Македонија со првите две победи заврши голема работа, а ние сега дури ги имаме најтешките мечеви во групата – смета Гонзало.

Македонија никогаш во официјален натпревар не ја победила Шпанија и никогаш не одиграла нерешен резултат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top