| четврток, 6 декември 2018 |

Вујовиќ: Лазаров не може да победи сам, нека даде колку голови сака!

veselin vujovic

Веселин Вујовиќ одлично ја познава играта и тактиката на македонската репрезентација. Селекторот на Словенија даде мини анализа пред денешниот меч, кој се игра во Мец, во третото коло од групната фаза на Светското првенство.

Популарниот Вујо знае дека најголемата опасност доаѓа од капитенот Кирил Лазаров, кој е прв стрелец на Мундијалот.

– Лазаров? Тој е половина од македонската репрезентација, „мозокот и душата“. Можеби ќе се обидеме повремено да го неутрализираме, но тоа нема да биде нашиот основен план. Нека го даде Кире просекот од 11 голови. Важно е да ги сопреме на бројката од 25 голови. Мислам дека тоа ќе биде доволно за да победиме“, рече Вујовиќ.

Словенија во саботата минимално со 26:25 го победи Исланд. Претходно и од Ангола примија 25 гола и победија убедливо (42:25). Вујовиќ ја анализирал и играта на Македонија во нападот.

– Знаеме дека Македонците сакаат да играат со „7 на 6“ во нападот. Системот на Червар го видовме кога Металург играше против Целје во СЕХА Лигата. Често користат уфрлување на втор кружен напаѓач и создаваат вишок. Ќе сакаат да ја успорат играта, бидејќи во динамичен меч, знаат дека не можат да бидат конкурентни. Играта со седум играчи во нападот може да им донесе предност, но ако грешат ние може да постигнуваме брзи и лесни голови – анализира Вујовиќ.

Двете репрезентации во пресрет на меѓусебниот дуел имаат по две победи од истотолку натпревари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top