Бројните пасоши дадени на странски играчи очигледно вроди со плод само на минатото светско првенство за репрезентацијата на Катар. Селекторот Валеро Ривера на овој шампионат се одлучи да им се заблагодари на тие што донесоа сребрен медал на домашен терен, но тоа како да му се удри од глава.
Во првиот меч на мундијалот во Франција селекцијата на Катар предводена претежно од домашни играчи засилени само со двајца „странци“ (Шариќ и Капоте) загуби од Египет со 20-22.
Eгипќаните доминираа во текот на целиот натпревар, а Катарците пропуштија можност да се приближат во финишот од полувремето, кога при резултат 8-10 и двајца играчи повеќе на теренот направија престап при обид за цепелин, по што Египет за само неколку секунди направи контранапад и даде гол, замина на одмор со предност од три гола, што рутински ја одржуваше до самиот крај. Мечот заврши 22-20 за Египет, но победата на „фараоните“ во ниту еден момент не беше доведена во прашање бидејќи резултатот на две минути до крајот гласеше 22-17, по што Катарците во самиот финиш се изборија само за нешто попристоен пораз во очајното отворање на овој мундијал.
Десниот бек Елахмар одигра извонредно за Египет постигнувајќи осум гола, а одличен беше и голманот Хендави со 14 интервенции. Капоте постигна пет гола за Катар, додека Шариќ не беше во својот препознатлив ритам на голот на оваа селекција бележејќи за него скромни осум одбрани.
Најголемото изненадување во првото коло го приреди Чиле, триумфирајќи на дуелот со Белорусија (32-28), што претставува прва победа за Чилеанците над една европска селекција во историјата на светските шампионати. Белорусите во 47. минута имаа предност од три гола (24-21), но потоа дојде до огромен пад во нивната игра, а Чилеанците знаеја да го искористат тоа и стигнаа до историски триумф. Родриго Салинас беше најефикасен кај победничката селекција со осум гола, пред Ервин Фојхтман со седум погодоци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.