| четврток, 6 декември 2018 |

Вистинска македонска фаланга, најдобро кога е најпотребно, забележана првата победа во Франција

Македонската ракометна репрезентација имаше деби како од соништата на Светското првенство во Франција.

Забележана е многу значајна победа на стартот на шампионатот против познатиот противник од минатото, репрезентацијата на Тунис, со 34-30.

Тактиката до која се држеше селекторот Лино Червар во текот на целиот меч, без голман и со седум играчи во поле очигледно вроди со плод бидејќи и покрај четирите гола негатива (20-24) кои ги имавме во средината на второто полувреме македонските борци успеаја да одиграат фантастична одбрана предводени од голманот Трајковски и да стигнат до голема и значајна победа.

makedonija rakomet 1

Мечот во првото полувреме се играше гол за гол, Тунижаните го диктираа темпото и паузата заминаа само со еден гол разлика (13-14).

Вториот дел е приказна за себе. Како никогаш досега „црвено-жолтите“ ракометари не паднаа на атмосферата и секако на изгубените корејски судии кои не се дораснати да судат еден ваков тежок меч и светско првенство.

kire lazarov

На негативата од четири гола во 42. минута одговоривме со голема серија од 14-6 благодарејќи на големиот капитен и најдобар десен бек во светот Кире Лазаров кој имаше фантастичен меч реализирајќи 12 гола од 15 обиди.

Стариот волк Лино Червар одлично ја има подготвено репрезентацијата и со неколку различни одбрани и повеќе опции во нападот влева надеж за одлични настапи во натпреварите кои следнат.

Покрај Кире Лазаров кој беше вистински лидер на нашиот состав со 12 погодоци, Дејан Манасков и Столе Стоилов додадоа по седум за фантастичен старт на овој шампионат пред саботниот дуел со Ангола.

Следниот меч Македонија го игра в сабота против репрезентацијата на Ангола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top