Македонските ракометари попладнево го одработеа вториот тренинг во Мец, прв во „Мец Арена“ во која од утре стартуваат натпреварите од Б групата на 25.Светско првенство. Петтиот настап на ракометните мундијали, македонската репрезентација го почнува утре (17.45 ч.) со дуелот против селекцијата на Тунис, стар должник од ланските олимписки квалификации. Токму тој меч и поразот во Гдањск е мотив повеќе за македонските ракометари овој пат да се одигра „машки“, најавува Стојанче Стоилов.
– Последниот натпревар против Тунис мина лошо и не баш како што се надевавме, па тие ни се големи должници. Се надевам дека ќе успееме да им се одмаздиме за тој меч во Гдањск и нема да разочараме утре попладне. Можеме без притисок и без дополнителен набој да почнеме со триумф. Лошо изгледавме на последниот натпревар против Тунис, но на натпреварите на големите приредби секогаш влегуваме поеуфорично. Ќе играме борбено и ќе покажеме дека нема предавање со никој ривал – ни рече Стоилов.
Македонската репрезентација ќе има подршка од неколку стотини навивачи бидејќи во Мец веќе е пристигната една помала група, а голем број наши сонародници од западна Европа утре на денот на натпреварот ќе дојдат во ова мало гратче на германско-француска граница да навиваат за нашата репрезентација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.