Екипите на зимската служба на Град Скопје во текот на изминатава ноќ, до утрово фрлија 250 тони сол на градските булевари и улици за да спречат појавување голомразица.
Град Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Градските власти потсетуваат дека индустриската сол има ефект до – 6 Целзиусови степени и поради ниските температури можно е појавување голомразица на коловозот и апелираат на голема внимателност во сообраќајот.
Во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.
– Апелираме до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти – соопшти Град Скопје.
ЈП „Комунала хигиена“ апелира општините да ја реализираат нивната обврска за чистење на улиците кои се во надлежност на општините и апелира за поголема ажурност во оваа област, со цел непрекинато собирање на комуналниот смет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.