| четврток, 6 декември 2018 |

Ништо ново од МЗТ на Јадранот, бродот на аеродромци продолжува да тоне

mzt-skopje-1

МЗТ Скопје сè повеќе тоне во регионалната АБА лига. „Металците“ заминаа на гости кај Цибона со надеж да го изненадат ослабениот состав на „цибосите“ поради заминувањето на Жижиќ, но не успеаја во таа намера. Иако во првиот дел на натпреварот избраниците на Анте Назор се држеа со ритамот на игра на домаќинот, во вториот дел, особено во третиот период, не можеа да го спречат тандемот Рејнолдс – Шакиќ кој за само десет минути наталожи разлика од 11 поени, доволни за победа од 87-79 (21-14, 22-27, 26-17, 18-21). Стабилната игра во последниот период им донесе изедначување на „металците“ на две минути до крајот, но кошаркарите на клубот од Аеродром немаа сила за нов пресврт.

mzt-skopje-2

Цибона ги диктираше темпото од самиот почеток на натпреварот, но МЗТ во првото полувреме успеваше да ја одржува резултатската неизвесност. Мечот беше израмнет во првите седум минути, но потоа следеа четири загубени топки во низа на македонскиот првак, по што Цибона ја заврши првата четвртина со 21-14. Хрватскиот состав пред сè благодарение на одличниот Шакиќ ја одржуваше предноста до половината од вториот период, кога проработе ударот од далечина на „металците“. Тејмс, Кларк и Симоновски беа прецизни од далечина, па избраниците на Анте Назор успеаја да се вратат и на одмор заминаа со само два поени негатива (43-41).

mzt-skopje

Се чинеше како крајот на вториот период ќе најави нова неизвесност на паркетот, но се случи токму спротивното. Рејнолдс се разигра и ги презема работите во свои раце. Со поддршката на Шакиќ и Чориќ, Цибона успеа да наталожи 14 поени предност (69-55), а со звукот на сирената Дреновац ја псотигна четвратата тројка за намалување на предноста која сепак остана двоцифрена (69-58). Шутевите од далечина беа главното оружје на „металците“ од кое стравуваше домаќинот. Во наредните три минути, Цибона потфрли во целост кога стануваше збор за одбраната. МЗТ не само што успеа да ја истопи разликата, туку и изедначи на две минути до крајот на средбата (79-79). Дреновац прво му подари две слободни фрлања на Шакиќ кој ги реализира за водство од минимални два поени, потоа Зориќ ги постигна своите први поени од игра за зголемување на предноста која ја запечати Шакиќ од линијата за пенали на 85-79.

Ѓорѓе Дреновац со 27 поени беше најефикасен во таборот на „металците“. Клоф и Скот му помогнаа со 16 односно 12 поени. За Цибона тоа беа Шакиќ со 26 поени, Рејнолд со 19, Јоксимовиќ со 12 и Бошњак со 10 поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top