Роден како Стојан Витанов
Професија: кум
Врска: сограѓанин
Дваесет дена нацијата ја решава мистеријата – кој се најде толкав кум кој му го одложи судењето на Заев за „Поткупот“. Не дека досега Заев одеше на судење, дали за „Пуч“ дали за „Поткуп“, но барем оправданијата му беа класични, кецашки, па не паѓаа во очи, само службите му ги бележеа изостаноците. Но, овојпат за да си даде значење, во духот на изборната победа што си ја припиша, си најде „вистинска причина“, и веднаш му се фатија зајадливите новинари и твитер-денгубџии.
Така, одејќи по патеките на кажаното, прво што направивме, застранивме. Заев рече и нѐ завлече – бил на средба со амбасадорот. И на јуриш, удривме по амбасадорот. Сепак, колку и да е Заев, колку и да си го знаеме, си викаме знае човеков кај бил, кој го примил. А од друга страна, колку и да е тој амбасадор, судот си е суд, и тој треба редот да си го знае. Кога, ете ти го него, амбасадорот од Италија, си го испра кабаетот. „Не сум јас“, вели, „каде и да ви избегало детето, кај мене не дошло“, твитнува.
Ајде, јуришот во рикверц и со боринчето тргнавме да трагаме по амбасадорот кој ти бил конзул, но во Амбасадата на Италија нема таква позиција, па иако тргнавме по конзулот, трагаме по конзуларниот коресподент.
Ниту знаеме каде одиме ниту кого бараме, зашто тргнавме по кажаното. А не е ни човек да ни замери – Заев рече оди на средба со амбасадорот, па СДСМ дека оди на средба со претставник на амбасадата, но во присуство на конзулот, а амбасадата вели конзул нема, а можеби и има, но само на интернет. На крајот амбасадорот и конзулот станаа конзуларен претставник, кој не е ни амбасадор, ни конзул, ниту вработен во амбасадата, туку сограѓанин – струмичанец.
„Во персоналот на Амбасадата на Италија во Скопје, всушност, не постои функцијата конзул. Со амбасадата соработуваат на доброволна основа и без финансиски надоместок двајца конзуларни коресподенти, што е предвидено од страна на Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија. Тоа се Стојан Витанов во Струмица и Зоран Ристевски во Битола. Тие не се вработени, ниту се репрезенти на амбасадата. Немаат никаква моќ, дури и оние (ограничени) што се припишуваат на конзулите или на замениците почесни конзули. Според нашите информации, г. Витанов се сретнал со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на 20 декември минатата година“, објаснуваат од амбасадата.
Како во секоја лага, позаплеткано да не може да биде. И на толку плетканици, де амбасадор, де конзул, де конзуларен коресподент, на крајот струмичанец, со кого сигурно би се видел и на пазар кога би се вратил дома во пашалакот.
Всушност, и не мора да се враќа, Струмица и онака е позната во светот по тоа што градоначалникот ја води општината од Скопје, на далечинско, па колку ќе фати, толку ќе сработи. А и овој, дон Витано струмички, и тој изгледа не се врти многу по Струмица, туку по градоначалникот. Човекот има толкава богата кариера на коресподент или што и да е што воопшто не му е проблем да најде време за водење на личниот и партискиот алманах на струмичкиот градоначалник. Па, уредното човече, овој дон Витано, сече и лепи сликички од престоите на Заев и другарите по амбасадите.
Текстот е објавен во рубриката „Личност на неделата“ во 227 број на неделникот Република, кој излезе од печат на 6 јануари 2017 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.