По средбите во Тирана и платформата која им ја подготви албанскиот премиер Еди Рама, првите луѓе на ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците, денеска се на состанок во Приштина кај Хашим Тачи.
Исто како и во Тирана, и тука се разговарало за политичката состојба во Македонија и за потребата за платформа околу која би работеле партиите на етничките албанци од Македонија.
Според тоа што е објавено на Фејсбук профилот на Тачи, оценето е дека Македонија треба да остане стабилна држава и дека тоа е во интерес на регионот.

Колку и да се сака да се прати порака за намерата за стабилна Македонија, и собирот во Приштина како и тие неколку во Тирана, на кои постојано се разговара за заедничка платформа- за која веќе се знае дека поставува услови за отворање на уставот на Република Македонија, како и барања за промена на карактерот на државата, нејзините симболи, знаме и грб, како и промена на името во насока на барањата за брзи евроатлантски интеграции- не значат ништо друго туку отворено мешање во внатрешните работи на државата.
Доколку и се смета дека е нормална и неопходна комуникацијата на политичките претставници на етничките Албанци од Македонија со политичарите и официјалните претставници во Тирана и Приштина, ваквите инсистирања на политички платформи во пресрет на преговори за формирање на следната влада во Република Македонија поинаку и не може да се оцени, освен како злоупотреба на кризата која во земјата ја создаде СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев, кој што ги врати радикалните идеи за големи држави во регионот.
Но, исто како и во Тирана, Заев повторно не е поканет да дискутира за добробитта на етничките Албанци во Македонија, иако самиот се декларираше како нивен најголем лидер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


