| четврток, 6 декември 2018 |

ЦУК: Сите кризни штабови се активирани и мобилизирани се сите ресурси во справување со предизвиците

Граѓаните да не патуваат и да не излегуваат од дома доколку немаат поголема потреба. Да носат топла облека, да конзумираат топли напитоци и доколку треба да работат на отворено тоа да го прават со паузи.

Ова се дел од препораките до граѓаните во пресрет на најавениот студен бран што според УХМР ќе ја зафати земјава од вечерва. Температурите се очекува во текот на ноќта да се спуштат до -13 степени, а во недела до -20 степени.

133515459Засега, како што информираа на прес-конференција, портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, портпаролката на Центарот за управување со кризи Надица Вчкова и директорката на Здравствен дом Скопје Татјана Баевска Вучковиќ, состојбата е стабилна и добра. Има прекини во сообраќајот за тешки товарни возила на Стража и Маврово-Дебар и од попладнево и на Пресека. Воздушниот и железничкиот сообраќај се одвиваат без застои. Предизвици има само во снабдувањето со електрична енергија кои се од помал карактер во Тетовско, односно селата Челопек, Стенче, Волковија, Милетово и Теново и на потегот во општина Шуто Оризари на што се работи на санирање на состојбата.

– Сите надлежни институции на централно и локално ниво се на терен. Постапуваат. Редовно се вршат работите. Имаме полно внимание на целокупната ситуација. Сепак треба да се остане максимално посветен затоа што според информациите од УХМР во текот на вечерните часови може да дојде и најверојатно ќе дојде до комбинација на двата фактори – ниските температури и влажноста што е предизвикана од врнежите од снег кои може да создадат поголеми ризици и предизвици за санирање на нормалната ситуација, рече Ѓорѓиев и додаде дека институциите ќе останат постојано на терен и ќе се дејствува секаде каде е потребно и ќе се димензионира работата на сите органи врз основа на информациите на терен за да се доведат состојбите во нормала.

Според него, важно е и граѓаните да покажат свест и активизам и населението да ја разбере сериозноста на оваа ситуација и со својот однос да придонесе во побрзо санирање на предизвиците и недозволување на создавање состојби кои се неконтролабилни.

133515460– Сите оние граѓани кои немаат особена потерба за патување аплеираме да не патуваат во текот на овие денови. Не се препорачува патување во овој период каде постои комбинација на вакви ризични фактори кои може да создадат голомразици или други предизвици кои што го отежнуваат движењето и сообраќајот. Сите претпријатија и транспортери кои можат да ги одложат своите транспортни рути, а тоа не им предизвикува сериозна економска штета, исто така, да не патуваат во овој период, затоа што е многу веројатно дека на одредени патни правци полицијата ќе забрани движење на тешки товарни возила, или, пак, на било каков начин може да дојде до ограничување на движењето и сообраќајот по определени патни правци, појасни Ѓорѓиев.

Се очекува, како што додаде, и од институциите и населението да дејствува на поминување на оваа ситуација со најмали ризици и надминување на предизвиците.

Надица Вчкова од ЦУК информираше дека сите кризни штабови се активирани и дека се мобилизирани сите ресурси во справување со предизвиците.

Како што рече, екипи на Македонија пат дејствуваат на 35 пункта низ државата во расчистување на снегот, а сообраќајната полиција е на терен и го регулира сообраќајот.

Во Скопско сите патни правци се проодни, освен кон Брест, Малино  и Танушевци, а  ЈСП Скопје поради лизгавост на коловозите ги има скратено автобуските линии 65в, 47а,160, 74, 80а и 81.

132356155На телефонскиот број за итни повици 195 денеска се примени околу 80 повици кои биле од информативен карактер за проодноста на улиците во градот Скопје.

Баевска-Вучковиќ потенцира дека здравствените установи се подготвени. Итната медицинска помош е зајакната, а скопската ќе работи со 12 екипи во смена и дополнителни две кои ќе бидат на повик. Подготвени се и ургентните центри и болниците.

Денеска до 16 часот се дадени 80 интервенции кои се во рамки на очекуваното, има три скршеници на јавни места и една сообраќајна несреќа.

– Граѓаните да ги почитуваат препораките. Движењето да биде ограничено и планирано, а старите лица кои тешко се движат  поради студеното време тоа да гоправат помеѓу 10 и 16 часот. Сите други обврски да се одложат или да ги реализираат некои членови од семејството или пријатели, рече Баевска-Вучковиќ.

Таа препорача носење топла облека, краток престој на отворено, топли напитоци, доколку има потреба од работни активности да се прават паузи на два часа во топли простории, хронично болните да ја земаат редовно терапијата и доколку има симптоми кои се во насока на нарушување на здравјето да се бара Итната медицинска помош или да се користи линијата на Ало докторе.

Нагласи дека се подготвени, но додаде дека е потребна и свест за самозаштита, зошто, како што рече, на тој начин едни со други си помагаме овие неколку дена полесно да ги поминеме.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top