Кога ги носев моите пријатели Сем и Џоан од аеродромот „Александар Велики“ кон Скопје, кај Камник, населба Ченто, го здогледавме она чудно замоче – ресторан во ловечки стил – што гордо и свечено осветлено се издига над малото скопско брдо. Одеднаш како сите тројца да нѐ обзеде чудно егзалтирачко чувство, кое нѐ врати многу години наназад.
– Се сеќавате ли?
– Како не! – во ист глас ми одговорија Сем и Џоан, која сите ја викавме Џо.
Сем е скулптор од Санта Клара, Калифорнија, а Џо е неговата сопруга – антрополог и етнолог, која пред многу години како постдипломец спроведуваше антрополошко-етнолошки истражувања низ Македонија (тогаш сѐ уште во составот на СФРЈ). Најмногу од сѐ, таа му се посвети на истражувањето на феноменот на традиционалните магиски практики од Драчево. Често знаеше да каже дека Драчево е највибрантниот магиски центар во југоисточна Европа.
– Како беше – „Веселиот зајак“, а?
– Токму така, во Орегон, среде никаде.
„Веселиот зајак“ („The Happy Rabbit“) од Орегон, САД, беше слична ловечка крчма како таа на Камник. Таму се јадеше деликатесен дивеч, а посебен специјалитет на куќата беше таканаречениот – „Весел зајак“, по кој беа луди сите големи гурмани од регионот. За да јадете во „Веселиот зајак“, требаше да резервирате место со недели однапред, а крчмата ја посетуваа богати гурмани, дури и од источниот брег, од Бостон, Њујорк, Филаделфија или, пак, Вашингтон Д.Ц. Понекогаш имаше страшна навалица од француски гости, кои ги м’кнеа наваму нивните роднини од Квебек, сите милионери.
Беше тешко да се најде, сѐ беше покриено со снег, едвај се распознаваше траекторијата на патот.
Не и за богатите, нив ги чекаат специјални водичи, некогаш кога не е толку ладно ги носат со моторни санки.
Тие секогаш бараат екстраваганции.
Воопшто не ми фали нивниот свет. Напротив, наоѓам дека е бескрајно здодевен и неподносливо тривијален.
Џо беше од семејство на еврејски милионери од Калифорнија, но таа уште како студентка побегна од тој свет, прво во Портланд на студии, а откако дипломира, дојде во Македонија за на драчевските магиски традиции да ја подготви својата докторска дисертација. Потоа го сретна Сем, брилијантниот уметник и харизматичен човек од Сан Хозе.
Сем беше Американец со шпанско потекло, темпераментот му беше многу сличен на нашиот, понекогаш ми изгледаше како да сме пораснале заедно во Мичурин.
Не можам да заборавам на моментот кога стигнавме до „Веселиот зајак“. До денес се прашувам што се случи со нас таа ноќ?
Џо ја беше резервирала нашата маса пред три недели, беше Божик по Грегоријанскиот календар. Односите меѓу САД и СССР беа во идилична фаза. Комунизмот пропаѓаше со звуците на рокенролот. Горби беше најомилениот лидер на планетата. Му дадоа дури и Нобелова награда за мир.
Какво искуство! Се сеќаваш како се наропавме со зајачко?!
Да, никогаш нема да го заборавам тоа искуство.
По неколку часа гурмански експеријанс, тргнавме назад. На патот кон автомобилот, на некои педесетина метри од крчмата, на почетокот на густата борова шума покриена со снег, Џо здогледа една осамена елка, украсена со чудни украси. Овој енигматичен феномен нѐ привлече и ние тргнавме кон елката. Одеднаш пред нас изрипа еден зајак од снегот и побегна кон шумата, оставајќи траги од своите шепи зад себе. Продолживме кон чудната елка.
– Што е ова?! – се чудеше вџашено Сем, кој дојде најблиску до елката.
– Shit!!! – елката беше украсена со туфни, кои, всушност, беа зајачки опаши, стотици зајачки опаши, закачени за гранките на елката, од некои од нив се уште сѐ цедеше крв врз белина на снегот. Тие требаше да претставуваат некаков тип лампиони. И, навистина, од далеку прилегаа на некакви космати новогодишни украси.
Одеднаш сите тројца нѐ опфати неподносливо гадење и синхроно почнавме да се „козиме“ во снегот крај елката. Секое парче зајачко го истуривме тука, на тоа проклето место, кое одеднаш ни ја покажа најсуровата страна на реалноста. Низ главите ни пројдоа безброј сурови сцени од ловови на зајаци. Едвај некако се собравме. Се замивме и освеживме со снегот. Тоа не врати во живот.
Но, бељата да биде уште поголема, кога се враќавме назад кон цивилизацијата, веќе истоштени и индиспонирани за што било, одеднаш пред автомобилот истрча еден зајак. За да не го згази, Сем нагло го сврте воланот и ние се излизгавме од патот удирајќи во еден бор во удолницата. Реалноста нагло се смени и стана сурова.
Исцрпени, по петнаесетина милји пешачење назад до „Веселиот зајак“, за да телефонираме на влечната служба, повторно се соочивме со најморбидното новогодишно дрво во Орегон. Се разденуваше, а дрвото стануваше сѐ поужасно и поужасно. Како некаков демонски тотем.
– Кој го направи ова? – го праша Сем еден од келнерите.
Локалните Индијанци. Тие ловат зајаци за нас, а опашките ги закачуваат на елката. Секој ловец има своја гранка и се натпреварува со другите во бројот на опашки. Тој што до Нова година, индијанската Нова година, а таа е на пролет, ќе закачи најмногу опашки на својата гранка, добива бонус од 100 долари од куќава. Бизнисот цвета, а зајаците се котат. Имаме посебни котилишта за нив и програми за прехрана…
Кога, конечно, повторно бевме „on the road“, Џо почна да го споредува дрвото со зајачките опашки со сефовите полни со златните заби од логорашите, истргнати од нацистите за Третиот рајх да биде уште побогат, а крчмата „Happy Rabbit“ со Аушвиц.
Јас само можев да ви ја кажам старата балканска поговорка, мислам дека потекнува од влашката етничка заедница – бадијала сирење само во стапица за глувци.
Секогаш прецизниот Сем ме исправи – бадијала морков само кај „Веселиот зајак“.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.