Тоа што Зоран Заев и СДСМ не успеаја да го испорачаат со изборниот инженеринг во замена за власт, сега се префрлува на меѓуетнички план. Односно, повторно се враќаат во игра условувањата за исполнување „права“, кои, според испорачаните барања од Тирана, за секое идно коалицирање треба да го занемарат Рамковниот договор поради кој Македонија се прекрои и уставно и територијално.
На лидерите на етничките Албанци во Македонија од 2001 година досега „алфа и омега“ им беше Охридскиот рамковен договор и неговото исполнување. Сега приоритетите се променети со барања албанскиот народ и албанскиот јазик да се изедначат во Уставот во замена за рамковните проценти. Ваквиот пресврт се случува во време кога се очекува идна владејачка коалиција, без притоа да се даде какво било образложение и основа врз што се темелат тие барања. Таква основа, во најмала рака, би требало да даде еден попис.
– Без нов попис на населението, не може да се бараат права што зависат од статистиката. Очекувам новата влада што поскоро да спроведе попис за да видиме колку сме, да видиме дали реалноста на теренот соодветствува со тврдењата на некои политичари – порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во годишното обраќање, во кое нагласи дека со Охридскиот рамковен договор била отворена вратата за правична застапеност на граѓаните од сите заедници, а не само од една.
– Слушам дека се бара двојазичност на целата територија на Македонија. Тоа прашање е затворено со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Охридскиот договор, каде што се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија. Службената употреба на кој било јазик во Република Македонија зависи од статистиката, а единствен начин за добивање реална статистика е пописот – истакна Иванов.
Пописот испливува на површина
Не може да се избегне фактот дека Македонија за „мир во куќа“ не го заврши попишувањето во 2011 година. Тогаш беше посочено дека е спречен обид да се направи голем фалсификат. Пописот го спречија „разликите во толкувањето на законот“, односно дали ќе бидат попишани како присутни и тие што цела година се иселени од државата и дали да бидат прифатени како валидни фотокопии од лични документи. Секое споменување на пописот оттогаш се гледаше како маша за распалување на меѓуетничките односи. Иако одложен, пописот не е спроведен досега. Барем не во форма што досега беше позната во земјата.
При чистењето на избирачкиот список беше користен метод на вкрстување на базата на податоци од МВР, со податоците од други десет институции. И тој метод беше предложен, прифатен и спроведен од домашни и од меѓународни стручњаци. Но, уште при првата проверка на површина излегоа 100.000 полнолетни граѓани што постојат во базата на МВР, а последните неколку години ги нема во ниедна друга база на податоци. За нив има валидни адреси, но ги нема на списокот на невработени, немаат свој имот, не се пријавени во ФЗОМ или во пензискиот фонд. Се работеше за иселени полнолетни гласачи, од нив, неофицијално, 90.000 биле етнички Албанци од Гостивар, Струга, Тетово, Куманово, Теарце, Врапчиште, Чаир, Боговиње, Липково, Желино. За нив потоа не се дозна ништо, освен дека добар дел од овие средини сега се главни упоришта на македонската социјалдемократија.
Иако пописот беше резервна тема на опозицијата во обидот да го негира гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ, кога кон средината на 2015 година премиерот Никола Груевски од Собранието посочи дека државата се подготвува за современ, електронски попис – слично како што сега тоа го направи ДИК – наиде на остро оркестрирано спротивставување токму од армијата организации што се поддржувачи на СДСМ. Тогаш организациите финансирани од Сорос застанаа со став дека „владата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ нема никаков кредибилитет да подготви и да спроведе каков било попис на населението“, односно дека „тоа мора да биде направено од влада што ќе биде избрана на демократски и фер избори и која ќе изгради политичка волја за пребројување на населението според сите меѓународни стандарди и прописи“. Ваквиот став денес, по платформата на СДСМ за време на изборите и документот од Тирана, ја покажуваат вистинската идеја за таа „демократска влада“ и „политичка волја за пребројување“. Всушност, сега Заев, во замена за албанските гласови, требаше да премине „преку пописот“, односно да занемари евентуални пописни резултати и да премине преку процентите, така како што направи СДСМ со територијалната поделба кога ги предаде Кичево и Струга.
Ќе се споменат ли некогаш обврските?
Пописот, очекувано, излегува на површина, а се насетуваше уште кога Заев почна да ветува албански јазик во Прилеп, што достигна до кантонско уредување на државата, со препуштање на водењето матична евиденција на општините, двојазичност на цела територија. Според тоа, партиите на Албанците од земјава потпишаа декларација што им ја состави албанскиот премиер Еди Рама во која, токму како што ветуваше Заев, се оди „преку рамката“ претставена со проценти. Со документот Рама навлегува и во целосното уредување на соседната држава, во уставните категории, во распределбата на буџетот, во функционирањето на правниот систем, јазикот…
Иако ова не е прво мешање на Рама во внатрешните работи на Македонија, се отвораат две прашања. Прво, зошто Рама не седна со кој било легитимен претставник, функционер од Македонија, со кого би разговарал за подобрување на правата преку соработка, па да се разговара и за правата на Македонците во Албанија. Второ, не смее да се исклучи фактот дека Рама тоа го прави сега, во овој правно-политички вакуум во Македонија, а веднаш по неговата средба со директорот на ЦИА во Тирана. „Зар некој е наивен да верува дека Рама несвесно влегува во игра во која ќе биде обвинет за ширење на големоалбанската идеја и вмешување во внатрешната политика на соседна земја? Или дека Рама внимава да остане сокриен вистинскиот налогодавач, особено откако писмата на Сорос до Клинтон откриваат дека Рама во 2011 ја играл истата игра што сега се одвива во Македонија?“ Но, и дали ваквите барања сега значат признание од албанските фактори и од нивните поддржувачи дека во иднина нема да може да се повтори големата симултанка одиграна на терен со албанските гласови поделени за СДСМ, додека ВМРО-ДПМНЕ остана со своето стабилно гласачкото тело, а притоа во земјата е најавен попис уште од 2015 година?
Сепак, прашањето што отвора и најголем комплекс потпрашања е дали некој политичар од партиите на етничките Албанци од Македонија, дома или на некоја средба со Рама, ќе ги спомене корпусот обврски што произлегуваат од унитарниот карактер на државата, кои како на македонски граѓани се наоѓаат пред нив. Од најпросто, забраната за пушење во јавни објекти, преку фискализацијата, до употребата на знамето на Република Македонија. Ниту една од политичките партии на етничките Албанци во Македонија, освен СДСМ, го немаше истакнато знамето на Република Македонија за време на кампањата. Ќе признае ли „албанскиот фактор“ дека како последица на Рамковниот договор, Македонија се претвори во држава со паралелно институционално општество во кое поделеноста е сè понагласена, дека со двојазичноста Албанците ја напуштија во целост употребата на македонскиот јазик, дека функционираат медиуми со поинаков фокус на државните проблеми и дека со почнатиот процес на преименувања на институции, како на пример фудбалската арена „Филип Втори“, секое натамошно отворање на барањата не наидува на одобрување и на разбирање од Македонците. Најмалку што очекуваат Македонците од претставниците на етничките Албанци од Македонија е платформа за градење меѓуетничка доверба, место платформа на сила и на условување за дополнителни функции и поделби.
Пописот ниту е политичко решение, ниту е политички проблем; тоа е една статистичка операција што, пред сè, служи за планирање економски зафати. Но, од политички аспект, отворањето на прашањето за пописот по изборите, кои требаше да бидат почеток на излез од политичката криза, само би ги поставило работите на свое место. Пред сè, како првичен израз на меѓуетничка доверба од партиите на етничките Албанци во Македонија и натамошно планирање на развојот на вистинско општеството без притисок на претпоставени проценти, кои досега постојано беа цел на злоупотреби.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 227. број на неделникот „Република“, 6.1.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.