Екипите на зимската служба на Град Скопје интензивно работат на терен на расчистување на градските улици и булевари и истите во моментов се расчистени и проодни. Екипите нa ЈП „Комунална хигиена“ се на терен и го расчистуваат снегот и мразот од тротоарите и од јавните површини.
Во централното градско подрачје, расчистувањето се врши на плоштадите: „Македонија“, „Пела“ и „Мајка Тереза“, во Старата Чаршија, како и на пешачките патеки и тротоарите на: мостот „Гоце Делчев“, Камени мост, Мостот на уметноста, мостот „Око“, Мостот на револуцијата и мостот „Слобода“.
Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје го расчистуваат теренот пред јавните установи, како и следните градски улици и булевари:
– Во општината Центар: Филип Втори Македонски, 11-ти Октомври, Крсте Мисирков, Кочо Рацин, Мајка Тереза и Илинден;
– Во општината Карпош: Партизансски одреди и Илинден;
-Во општината Кисела Вода: Борис Трајковски;
– Во општината Аеродром: раскрсницата на железничката станица и булеварите Јане Сандански и Кузман Ј. Питу;
– Во општината Чаир: Втора македонска бригада, Кемал Сејфула, Џон Кенеди, Христијан Т. Карпош, Методија Митевски, Б.Паровиќ;
– Во општината Шуто Оризари: Индира Ганди и Словенија;
– Во општината Бутел: Александар Урдаревски, Босна и Херцеговина, Кемал Сејфула и Бутелска.
– Во општината Гази Баба – Александар Македонски;
– Во општината Ѓорче Петров – Ѓорче Петров.
Во расчистувањето се ангажирани 116 работници, додека од механизацијата се користат: два мотокултиватора со четки, три метларки, како и две патарки за посолување на мостовите. Активностите на екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје ќе продолжат во текот на целиот ден.
Екипите на зимската служба на Град Скопје се на терен и од почетокот на снежните врнежи досега се фрлени 175 тони сол на градските булевари и улици.
Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Оттаму потсетуваат дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.
Од градската власт апелираат до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.